Даниела Гошева Кангов е претседател на ЗГ „Мобилност“ од Гевгелија и како лице со телесен инвалидитет е корисник на услугите „Личен асистент“ што ги организира Црвениот крст од Гевгелија во соработка со Министерството за труд и социјална политика.
Како претседател на „Мобилност“ заедно со претставници на здружението присуствуваше на свеченоста по повод одбележувањето на 80 годишнината од формирањето на Црвениот Крст на Македонија, во организација на ОО Црвен крст Гевгелија.
Таа се обрати пред бројните гости со цел да искаже свои лични впечатци како корисник на услугата „личен асистент“, напомнувајќи дека е корисник на истата од 2023 година и со тоа станала понезависна од семејството, поактивна во заедницата, со можност да придонесе повеќе со тоа што го може и умее.
Услугата „личен асистент“ во Гевгелија е воведена од 2023 година како мерка за помош на лица со посебни потреби, со што Црвениот крст се покажува како помагател на народот не само во услови на елементарни непогоди, туку и во секојдневниот живот со олеснување и помош при животните потреби на лицата на кои им е неопходна помош.
ООЦК Гевгелија оваа услуга ја воведе најпрво како проект со Светска Банка, општина Гевгелија и Министерството за труд и социјална политика. Следната 2024 година продолжи како договорен ангажман помеѓу гевгелискиот Црвен крст и МТСП. Оваа година се спроведе обука на лицата ангажирани како асистенти.
– „Во моментот преку ЦК Гевгелија ангажирани се 18 „лични асистенти“ кои помагаат на 28 корисника од општина Гевгелија и Богданци, исклучиво лица со попреченост, слепи лица, инвалидизирани и млади со тешка попреченост. Услугата се спроведува секој ден од понеделник до петок, по 4 часа дневно кај едно лице, бидејќи еден асистент услужува по двајца корисника“ – вели Лазар Мешков, секретар на ОО Црвен крст Гевгелија.
Мешков, за GevgelijaNet oткрива дека од февруари 2025 година преку ЦК Гевгелија започнува имплементацијата и на мерката „помош и нега во домот“ која ги опфаќа старите лица и млади со исклучително тешки деформитети и неподвижност. Предвидено е нови 10 негувателки да ја изведуваат услугата „помош и нега дома“. Засега таква услуга користат само три лица од Гевгелија и Миравци.
Црвениот Крст на Македонија постои од 1945 година, а свеченото одбележување на 80 годишната активност ја одбележаа под мотото „Ние гледаме луѓе“. Со мерките „Личен асистент“ и „помош и нега во домот“ ЦК покажува дека и во сегашни актуелни услови ги гледа луѓето и им помага со помош на армијата волонтери, асистенти, негуватели.