Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица, бидејќи постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничените, двајца жители на селото Стојаково и еден од Валандово, учествувале и посредувале во продажба на околу 5 килограми марихуана која ја набавил првоосомничениот.
Три килограми од дрогата се договориле да ја продадат на купувач – грчки државјанин за сума од 9.000 евра. При обид да ја продадат дрогата на локација во Дојран, полициски службеници ги затекнале. На лице место биле уапсени двајца од осомничените, додека третиот се дал во бегство, но набрзо и тој бил приведен.
Дополнително, во близина на Богданци е пронајдена преостанатата дрога која им била наменета за продажба.
Со образложение дека осомничените би можеле да се дадат во бегство, да ја попречуваат истрагата со влијание врз сведоците или соучесниците, да ги сокријат или да ги уништат трагите од кривичното дело, но и дека ќе го повторат делото за кое се гонат, јавниот обвинител до Судот достави предлог за определување мерка притвор за сите тројца осомничени.
Пронајдена дрога во Ст.Дојран – Приведени тројца дилери од Валандово и Стојаково, богданско
МВР вчера информираше дека на 18.03.2025 во Стар Дојран приведени се П.П.Г.(30) од село Стојаково, општина Богданци, П.Р.(39) од Валандово и В.Ќ.(31) од село Стојаково. За тројцата ОВР Гевгелија поднесе Кривична пријава до ОЈО Гевгелија. Лицата биле изведени пред судија од Основен суд Гевгелија, кој им определил мерка притвор во траење од по 30 дена.
Согласно КП тие се теретат според член 215 од Кривичниот законик и според истиот им се запретува казна во траење од три до 10 години.
Член 215 од КЗ:
(1) Тој што неовластено организира, произведува, преработува, продава или нуди на продажба или заради продажба купува, држи или пренесува или посредува во продажба или купување или на друг начин неовластено пушта во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, ќе се казни со затвор од три до десет години.