Гевгелија има фудбалски талент кој на само 7 годишна возраст започнува меѓународна спортска кариера. Тоа е Јован Насев, роден 9 мај 2017 година, ученик во II одделение во ООУ „Крсте Мисирков“ во Гевгелија.
Јован оваа година на 19.02.2025 стана член на оваа фудбалска академија и е првиот Македонец кој игра за младинската Академија на реномираниот фудбалски клуб ПАОК од Грција. Освен првиот и единствениот македонец во оваа Академија, Јован е и најмалиот воопшто фудбалер од Македонија кој потпишал договор за соработка со Академија ПАОК, и воопшто во Грчката фудбалска федерација.
GevgelijaNet: Интересно е да прашаме кога се почетоците со фудбалот на Јован, каде заиграл прво фудбал за да може да биде забележан неговиот талент?
Александар Насев, татко на Јован: Јован минатата година на 6 годишна возраст играше фудбал во младинската лига на ФК „Кожуф“ Гевгелија, генерација 2017, кај тренерот Ванчо Горгиев Белиш. Таа година ФК „Кожуф“ генерација 2027 година освои ПРВО место во Младинската лига за 2024. Во текот на една полусезона Јован даде вкупно 14 голови, а клубот реализираше се’ вупно 19 гола.

GevgelijaNet: Значи Јован сам имал учинок од 74% за победата на клубот. Ова ли беше моментот на откритие, дека Јован е создаден да дава голови?
Александар Насев: Да, секако, играта е тоа што се гледа во натпреварот. Неговата храброст да атакува на противничкиот гол и инстинкт кога треба да ја упати топката во мрежа го прават посебен талент за неговата возраст. Заради овие квалитети Јован доби препорака од Ристо Танев, спортски директор на првиот тим на АЕП Поликастро, Грција да стане член на Академија АЕП ПАОК. По негова препорака отидовме во Грција и после само два одиграни натпревари Јован веднаш доби понуда да се регистрира како член на Академија АЕП ПАОК.
GevgelijaNet: Така ли беше Јоване? За една година играње фудбал од Гевгелија отиде и склучи договор за настап на грчки ПАОК во младинската лига и си единствен македонец кој игра за грчки тим?
Јован Насев: Јас играм фудбал уште од мал. На еднаипол годишна возраст тато ме ставаше да стојам на неговите нозе и шутиравме фудбал. Така научив како се прима топка и како се шутира – ни’ открива Јован дека фудбал не игра само една година претходно, туку откако проодил па до денес.
GevgelijaNet: Каде игравте, дома, во двор?
Јoван Насев: И дома, и на игралиштето „Паскалин“ со другарите на тато – открива Јован дека откако проодел почнал да игра фудбал со другари фудбалери на неговиот татко, а ние забележуваме дека техниката на учење е по примерот на татковците кои на своите нозе ги учат ќерките како да танцуваат. Посветено, нема што.
Следувале детални лекарски прегледи за Јован во Грција, скенирања, ехо снимки за да се утврди комплетната здравствена состојба и погодувате, детето Јован од Гевгелија е во Топ форма. Одиграл две пријателски утакмици со тимот на ПАОК и веднаш дал три гола. Со тоа договорот за официјализирање на настапот на Јован за грчки ПАОК бил спремен и официјализиран па на 19 февруари годинава истиот е склучен, а Јован доби Легитимација за членство и настап со Академија АЕП ПАОК.
GevgelijaNet: Молскавичен продор за Јован. Какви обврски имаш сега со договорот со академијата на АЕП ПАОК.
Јован Насев: Тренираме три пати неделно, понеделник, среда и петок. Во неделите играм на натпревари.
Александар, таткото: Тренинзите почнуваат во 15 часот, па во деновите кога има тренинг Јован е ослободен од настава, но затоа има обврска да ги надокнади сите предавани материјали, да напише домашно, да научи што пропуштил.

GevgelijaNet: Како се снаоѓа со комуникацијата меѓу тимот фудбалери, како соработува со тренерот во Грција?
Таткото Александар: Нешто научи по грчки, нешто по македонски, но најлесно се разбираат на терен кога играат. Тука Јован е неприкосновен во знаците, мимиките, и одлуките кога да украде топка, кога да атакува на голот. Јован игра со генерација 2014 и 2015, значи деца постари за 2-3 години од него. Сепак, головите ги ниже. Веќе одигра еден турнир во Грција и две официјални званични утакмици. И на сите нив има постигнато гол, вкупно 4 гола. Тоа покажува дека е исклучително корисен ирач на тимот. Потоа следуваше утакмицата во Кристони, каде Јован го даде првиот гол, за ториот асистираше и беше прогласен за МВП, најдобар играч на утакмицата.
Јован: Веќе научив некои зборови по грчки, на пример: калимера коуч (добар ден тренеру), дексија (десно), аристера (лево), писо (назад), исја (напред), григора (брзо). Ми викаат другарите „Ти канис Јоанис“ (Што правиш Јоване), јас им одговарам „Кала“ (добро), и учам секој ден по еден нов збор. Најмногу од дедо ми, тој знае грчки.
GevgelijaNet: Кои ти се другарите од клубот? Ги знаеш ли сите по име? Веројатно фудбалот ви остава време и за запознавање за да можете полесно да комуницирате на теренот?
Јован: Другари во тимот ми се Тео, Димитри, Алекс, Рафаели, Васили, Христо, Јорго. Тренерот се вика Паскалис. Инаку, идол ми се Кристијано Роналдо и Мбапе, а навивам за „Реал Мадрид“.
GevgelijaNet: Кои се следните обврски на фудбалерот Јован за Академија ПАОК.
Таткото Александар: Веќе на 28 април ќе имаат висок Државен турнир во фудбал каде ќе настапат фудбалските елити, како што се: „Панатенаикос“, „Олимпијакос“, АЕК, ПАОК и други клубови од државата. Се очекува и тука Јован да биде најкорисен во пласирање голови во мрежите на противничките тимови.
GevgelijaNet: За голгетерскиот печат на Јован како центарфор, играч на продорот и реализацијата, има ли и други настапи освен за ФК „Кожуф“ пред да замине да игра за грчкиот ПАОК? Го запозна ли поголем дел од публиката кај нас како спортски талент за гол-реализација?
Таткото Александар: Јован играше на турнирот во мал фудбал Меморијалот „Никола Гелебешев“ во мај 2024 г. Настапуваше во екипата „Аватар“ под водство на Александар Насев, т.е. под мое водство. Овде во 5 одиграни утакмици успеа да даде 14 гола и да го освојат победничкиот пехар на турнирот за генерација 2027.


GevgelijaNet: Ќе додадеме нешто и за никулецот на спортската пасија на Јован и прецизната шут реализација. Таткото Александар е долгогодишен фудбалер на ФК „Кожуф“ со 20 годишна фудбалска кариера. Играл на позиција „лево крило“, а Јован игра „Центарфор“, но понекогаш тренерот го става и на десната позиција. Дава голови без „пардон“ ниту дали другите се големи, ниту му е гајле дали се грци. Важно му е да ја затресе мрежата и победнички да се спушти во трчање, а другите да му се фрлат во прегратка. Така победнички Јован трча и на одморите кога е на училиште. Вели ужива кога сите трчаат по него, а тој е најбрз. Дете. Не приметува дека е популарен.
И додека таткото го остварува својот фудбалски сон преку синот кој му ги наследил спортските гени, ние само му посакуваме на Јован да ужива во тоа што го прави – во давањето голови, да ужива во напредокот кој не го приметува зошто мисли дека секое дете може да игра, да ужива и на училиште и да ја оформи својата личност во вреден човек и успешен спортист.
Ние му посакуваме голема фудбалска иднина и многу успеси на спортските терени.


Голгетер во акција
Автор: Ј.Дојранлиева