Изложба “80 години од победата над фашизмот” на 9 мај, Денот на Европа, беше отворена за публиката во објектот Амам во Гевгелија по повод големиот јубилеј 80 години од капитулацијата на фашистичка Германија и победата на напредните антифашистички сили во Втората Светска Војна.
Изложени се фотографии и оружје од гевгелиските борци во НОБ, партизанка облека, капа со петокрака, војнички ранец, сопственост на Тодор Ѓоргиевски Митре, партизан од с.Конско.
Посебно е интересно оригиналното изложено оружје: германска пушка STEYR MANNLINER 95, британска автоматска пушка STEN GUN, италијанска пушка BERETTA, француска пушка ST. ETIENNE, германски шлем, бајонет, бомби…
За поводот и содржината на изложбата збрува Тања Трајковска, кустос- историчар во НУ “Музеј” Гевгелија.
Јубилејната изложба по повод 80 години победа над фашизмот беше прилагодена за пристап и контакт со експонатите и за лицата со попречености. Најпрво ја посетија лицата со инвалидитет. Во понеделникот ја посетија членови на Здружението на слепи лица од Гевгелија кои имаа можност да ги дофатат и да ги почувствуваат артефактите од Втората светска војна.
Во средата изложбата ја посетија штитениците на Центарот за дневен престој за лица со ментална попреченост и Центарот „Мајка Тереза“ од Гевгелија придружени од нивните одговорни лица.
“Враќањето” во времето го овозможи кустосот историчар Тања Трајковска со својата беспрекорна презентација за Народноослободителната војна која се водела во нашиот крај.