Герасим Сарамандов, долгогодишен спортски работник од Гевгелија кој деновиве е мета на пишување по порталите, (основано, или неосновано, ќе каже истрагата која ја води ФФМ), објави Соопштение до јавноста кое е доставено и до нашата редакција со цел да се слушне и неговата страна за инцидентот со натпреварот ФК „Кожуф“ – ФК „Башкими“ и одговор за состојбата со женскиот ракомет во Гевгелија.
Сарамандов во својата јавна реакција инсистира дека „со ниеден од службените лица сум немал контакт тој ден“ за натпреварот на Градскиот стадион помеѓу Кожуф и Башкими, за пишувачите на финансиски поткуп во суми евра вели дека ќе „бидат обелоденети во јавноста“ пред Суд, за пишувачите на политички ментори вели „Темата спорт и татко на градоначалникот ви е промашена и губитничка – најдете друга тема!!!“
Еве го интегралниот текст доставен до нашата редакција:
„Почитувани сограѓани,
Како татко на градоначалникот кој подолг период се споменува за состојбите во женскиот ракомет и последните случувања со фудбалскиот клуб „Кожув“ ,ред е да се огласам и јас.
– За последните случувања на натпреварот со Башкими и „циркусот“ што го видовме:не бев на тој натпревар, нити сум бил на натпреварите на „Кожув“ од октомври минатата година.
Одговорно тврдам дека со ниеден од службените лица сум немал контакт тој ден, месец – НИКОГАШ. Се’ друго е манипулација.
– Во ЖРК Гевгелија со пауза сум од 1992 година до 2017 година. Во голем дел од тој период клубот беше еден од најуспешните ракометни клубови во државата.Три години таткото на градоначалникот беше директор на женската младинска и кадетска репрезентација на Р.Македонија. Со две први места на Балканијади и најголемиот успех на младинската репрезентација 8-мо место на светско првенство. Зад овие успеси стојат многу познати ракометарки, тренери, луѓе кои помагаа во клубот и во репрезентациите.
За првата група „пишувачи“ кои се расфрлаат со суми евра, крадење и криминалот на таткото на градоначалникот, следната моја цел ќе биде вашите изјави во судот, да бидат обелоденети во јавноста. Јас знам дека ќе бидат смешни и ефтини.
– За анонимниот „пишувач“, кој на сите нас ни е добро познат, околу основањето на ново здружение клуб на таткото на градоначалникот;
– лажните полуинформации што ги праќаш на новинари во другите градови, многу бргу сфатија или ќе сфатат дека „твојата приказна не држи вода“.
Еве уште материјал за тебе:
– Таткото на градоначалникот е еден од основачите на машкиот ракометниот клуб „Партизан“ кој беше згаснат десетина години и денес со успех се натпреварува во Прва македонска ракометна лига.
– Еден сум од основачите и потписник на жиро сметка на здружението пионерска лига „СОЛУН 53“, во кој учество земаа над 1000 деца од целиот регион и е еден од најголемите регионални спортски проекти до ден денес.
За третата група „пишувачи“, и за нивните политички ментори: Темата спорт и татко на градоначалникот ви е промашена и губитничка – најдете друга тема!!!
За крај, за овие 25 години во ЖРК Гевгелија успешно соработував со многу спортски работници, тренери, стотина спортисти. Контактирав и соработував со сите градоначалници на општина Гевгелија, претседатели на ЖРК беа видни луѓе, стопанственици од НАШИОТ град.
ГИ ПОВИКУВАМ СИТЕ НИВ, МАКАР ЕДЕН ОД НИВ СО ИМЕ И ПРЕЗИМЕ И АРГУМЕНТ ДА НАВЕДЕ ЕДНА НЕЧЕСНА СПОРТСКА РАБОТА ШТО ЈА НАПРАВИЛ ТАТКОТО НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ВО ГЕВГЕЛИЈА.
ДОКОЛКУ СЕ СЛУЧИ ТАКВО НЕШТО, СЕ’ ОВА ГОРЕ НАВЕДЕНОТО МОЕ ПИШУВАЊЕ Е ЛАГА!!!“ – вели Герасим Сарамандов во својата јавна реакција.