Професорката по македонски јазик и македонска книжевност со јужнословенски книжевности Милена Стамкова, вработена во ООУ „Крсте Мисирков“ од Гевгелија е прогласена за Библиотекар на годината за 2024.
Таа ова признание го доби на овогодинешното советување за библиотекари од јавните и училишните библиотеки и просветни работници од сите нивоа на воспитно-образовниот процес „Библиотеката темел на писменоста“.
Во рамките на литературната манифестација „Средби под јаворите Видое Подгорец“, во соработка со ЛУБ „Благоја Јанков Мучето“ и Издавачката куќа „Просветно дело“, на 13 јуни во Домот на АРМ во Струмица беа промовирани најдобрите библиотекари за 2024 година.
Признанието се доделува за врвни достигнувања во библиотекарството и информациската дејност. Секоја година по повод овој избор на најдобар библиотекар се организира и советување на тема „Библиотеката темел на писменоста“, со работна тема: „Споделување добри практитки во библиотечната дејност“.
За доделување на ова признание „Библиотекар на годината“ потребно е да се исполнат 16 критериуми. Еве дел од критериумите: број на реализирани проекти во библиотечно- информациската дејност, користење на информациска и комуникациска технологија во ширењето и збогатувањето на библиотечните услуги, континуитет во унапредувањето на библиотечно информациската дејност, поттикнување навики за читање кај децата, број на објавени научни и стручни трудови од областа на библиотекарството и друго.
Заедно со изборот на најдобриот библиотекар за минатата година, на средбата беа доделени и благодарници за истакнати библиотекари во мисијата на читањето и поттикнување навики на читање кај децата.
На нашата вредна библиотекарка од Гевгелија Милена Стамкова и го честитаме Признанието за „Библиотекар на годината – Павлина Цунева Маказлиева“ за 2024.
