Топлотниот бран од Африка во залет – на удар и Македонија и цела Европа.
Министерството за здравство ја информира јавноста дека од денеска до 8 јули се активира фаза 3 од Акцискиот план за заштита од топлотни бранови, поради интензивирање на високите температури.
Според акцискиот план за топлотни бранови, фаза 3 станува активна по надминување на прагот (температурните граници) за опасни температури, по најмалку два последователни дена појава на топлотен бран. Во оваа фаза е интензивиран топлотниот бран.
Владата, на предлог на Министерството, донесе препораки за заштита на населението:
●Ослободување од работни обврски за бремени жени и лица постари од 60 години. Оваа препорака не се однесува на вработени во критичната инфраструктура (здравство, полиција, армија, транспорт, енергетика, јавни комунални претпријатија).
●Одложување на работниот процес во критичните часови (11:00–17:00) за работници изложени на директна топлина;
● Работа од далечина, флексибилно или двократно работно време, каде што е изводливо;
● Работодавачите да обезбедат микроклиматски услови за работа согласно акцискиот план: простории со температура до 25°C, освен таму каде што природата на работниот процес налага поинаку;
○ Активирање на планови за вонредни услови, сите здравствени установи, установи за згрижување на стари лица и образовни институции да постапат согласно интерните протоколи за кризна состојба.