Во меѓународна алпинистичка акција, планинскиот авантурист и љубител на екстремни спортски предизвици, Методија Ичев од Богданци, во периодот од 10 до 16 јули искачи три врвови на Алпите.
Предизвикот беше спроведен заедно со 7 алпинисти од ПСК „Стратус“ Скопје, каде членува Ичев, под водство на планиснките водачи Дејан Тодевски и Никола Илиевски.
Најпрво екипата алпинисти од Македонија го искачија врвот Gran Paradiso во Италија, со надморска висина од 4.061 метри, каде ги дочека снег и мраз. На спуштање престојуваа во планинарскиот дом „Vittotio Emanuele“ сместен на 2.735 мнв.
Овој врв требаше да биде аклиматизација за претстојниот предизвик Монт Блан, врв со 4.805 мнв. Затоа екипата составена од македонски алпинисти се упатија од Gran Paradiso кон врвот Chamonix во Франција, што воедно беше на патеката кон дестинацијата Монт Блан.
За да го започнат искачувањето се упатила по клисурата Ruta Gute каде се искачиле до првиот врв, а тоа бил „Tete Rousse“, со висина од 3.167 мнв.
– „ Првичниот план беше доколку временските услови се добри во 23 часот ноќта да почнеме со искачување до домот Гутер и до самиот врв Монт Блан. Временските услови се влошија и моравме да чекаме 24 часа сместени во домот истите да се подобрат. За жал ја немавме среќата да се отвори поволен временски прозорец, за да го продолжиме искачувањето кон врвот успешно и безбедно. Монт Блан останува за некоја друга прилика со повеќе среќа и подобри временски услови“ – изјави за GevgelijaNet Методија Ичев.
– „За да не губуиме денови веднаш се спуштивме и упативме повторно кон Италија и планинскиот масив Монте Роса каде го искачивме врвот „Signalkuppe“ сместен на 4.553 метри надморска висина. Со овој врв ги заокруживме искачувањата на Алпите за оваа сезона со желба за повторен обид во блиска иднина, за искачување на Монт Блан – додаде Ичев, заокруужувајќи го своето алпинистичко искуство со средбата со врвовоте на Алпите.
Монт Блан е највисок врв во Западна Европа со своите 4.808 метри надморска висина. Планината се протега помеѓу регионите на долината Аоста во Италија и Високи Савои во Франција. Врвот Монблан се наоѓа на границата помеѓу двете земји, иако и едната и другата сакаат да го цртаат на картите како свој.
Планината е популарна за планинарење, алпинизам и скијање. Најпознати центри се Шамони и Курмајер.
Врвот Монблан први го освоиле Жак Балма и Мишел Габриел Пакар на 8 август 1786.