– „Победа за Македонците во Егејска Македонија.
Грчкиот суд ги укина сите тужби кои беа против Центарот за Македонски јазик. Тоа беше пријатно изненадување од грчкиот правен систем.
Во иднина чекаме отворање на приватни македонски училишта, но и Македонскиот јазик да биде дел од образовниот систем во Егејска Македонија и новите генерации да го учат македонскиот јазик.
Му благодариме на грчкиот судски систем за оваа правична одлука.“
Ова како свој Фејсбук статус го напиша Stilianos Samartzis жител на Флорина, Република Грција.
Веста ја пренесе пред 2 часа Ацо Лукаровски на фејсбук групата „Македонски јазик“
– „Во текот на денот стигна вест дека имало многу тужби и дека од судот се барало да ја укине одлуката да се дозволи учење македонски јазик во Грција.
Но, денес стигна нова вест… Грчкиот суд ги укинал сите тужби, а тоа значи дека новите генерации Македонци во Грција ќе го учат македонскиот јазик.
Сега очекувам нов МОЛК од сите лажни патриоти во Македонија!“ – напиша на ФБ Лукаровски.
Веста ја пренесуваат на социјалните мрежи и други граѓани, по професија македонисти.
Инаку, Центарот за македонски јазик во Грција минатата година објави дека е официјално регистриран како невладина организација од грчките судски власти во ноември 2022 година. Денешната одлука на судските власти за одбивање на сите тужби против Центарот во Грција е голема победа за македонскиот јазик.