Јани и Мелиса се нови локални бизнис херои кои заедно ја градат позитивната приказна наречена „DiWine“.
Тие заедно ја отворија првата винска соба наменета за дегустација на македонските вина со наменски продукти како прилог. Ваквиот претприемачки зафат произлегува од самата пасија која и двајцата ја имаат кон виното, но исто така и распространетоста на винските насади кои ги поседува гевгелиското поднебје.
Шетајќи низ Македонија доаѓаат до сознание дека во земјата има голем капацитет вино кое треба да биде детално промовирано пред македонската јавност, па оттука одлучиле да ја преточат идејата во една нова дегустациска приказна.
Започнале со создавање концет кој пред се ќе биде промотор на уникатни домашни вина, а кој ќе има главна цел да го поттикне локалното население да преферира повеќе вино отколку жестоки пијалоци, нешто што во европските медитерански земји како Италија, Франција, Словенија и Шпанија е доста застапено.
Винските дегустаци ги парираат со закуски кои соочинуваат сувомеснати и млечни производи, бидејќи како што вели старата поговорка „На голо не се пие“. Сето ова е во добра комбинација со квалитетно црвено, бело и розе вино.
Од DiWine додаваат дека нивната врата е широко отворена за соработка со сите мали семејни винарии. Цел од нивното постоење е да им овозможат што е можно поголема поддршка и промоција на нивното вино.
Јани и Мелиса за „кајак“ велат дека вратите на DiWine се отворени за сите гости. Почнувајќи од оние кои уживаат во добра чаша вино, до оние кои сакаат да научат нешто повеќе. Среќни се што веќе имаат свои редовни гости, за кои како што велат, уживаат во уникатниот амбиент.
Винската соба „DiWine“ е лоцирана во Стара градска чаршија во Гевгелија, местото каде некогаш шетала гевгелиската боемштина.