Иван и Стојанка Поп-Ристови се по потекло од Богданци, а веќе една деценија се на привремена работа во Германија.
Овде младиот Иван (тогаш 26 годишен) во 2003 година основал своја компанија и во моментот вработува 60 лица. Знаејќи ја голготата на печалбарите, гастербајтерите Иван не го заборава својот крај и потребата од помош на своите сограѓани.
Деновиве овој млад 36 годишен бизнисмен од Германија заедно со својата сопруга одлучија да донираат санитетско возило за Јавната здравствена установа „Психијатриска болница Негорци“ од Гевгелија.
Возилото е марка „VOLKSWAGEN“, со вредност од 10.000 евра (половно), комплетно опремено за болничките потреби на Психијатријата од Негорци. .
Психијатриската болница го обележа возилото, со ознаката AMBULANCE, но и со името на донаторите, во знак на благодарност за несебичниот хуман гест.
– „Посредник за донацијата беше Весна Данева, која контактираше со семејството и ги пренесе потребите на Болницата од едно санитетско возило. Таа организираше посета на семејството Поп-Ристови во Психијатриската болница, а тие со широко срце и насмевка го прифатија нашето барање“ – изјавува за GevgelijaNet Бони Ставаноски, директор на ЈЗУ „Психијатриска болница Негорци“ Гевгелија.
– „ Санитетското возило е спацијализирано за транспорт на пациенти за кои неопходна потреба има болницата. Семејството Поп-Ристови веднаш одговори позитивно на нашата моба и започна постапка за набавка на специјализирано амбулантско опремено возило. Психијатриската Болница Негорци е посебно благодарна на овој хуман гест од брачниот пар Поп-Ристови од Богданци заедно со нивните две деца“ – додаде во изјавата директорот Стеваноски..
Семејството Поп-Ристови не донира за прв пат во Богданци и Гевгелија. Иако во моментот работи и живее во Германија тие никогаш не ја заборавиле својата земја и секогаш искажуваат спремност да помогнат таму каде што треба, за општото добро на заедницата граѓани од југот, од каде потекнуваат. Тие се толку скромни што овој нивен гест не е објавен никаде, но Психијатриската болница Негорци со оваа јавна изјава сака да искаже јавна благодарност до Иван и Стојанка Поп-Ристови за нивната хуманитарна дејност и истакнати човечки вредности.
Болницата во Негорци болнички згрижува над 200 пациенти кои освен психијатриски имаат и интервентни потреби од други гранки на медицината и потреба од нивен амбулантски транспорт до друга болница, или друга здравствена јавна установа. Возилото е од огромна помош за лекувањето и одржувањето на здравјето на овие пациенти.
Заедно со благодарноста од гевгелиска Психијатрија упатуваме и ние пофалби за големиот алтруизам на овој нашинец, од Богданци и неговото семејство кое живее со душа полна човечко разбирање и хуманост!