Наставничкиот колегиум при ООУ „Владо Кантарџиев“ од Гевгелија ја прогласи ученичката Лилјана Мајсторова од IX-4 одделение за првенец на генерацијата 2014/2023 година.
Лилјана како полуматурантка за крајот од оваа учебна година со своите постигнати резултати во учењето и претставувањето на училиштето на општински и државни натпревари оствари завидни резултати, највисоко и најмногу од своите сокласници, поради што ја понесе Дипломата за ПРВНЕЦ на својата генерација во целиот период на основното образование.
– „Лилјана во текот на сите години на школување покажа континуиран одличен успех, примерно поведение и учество на многу натпревари.
Она што особено ја истакнува Лилјана е нејзината скромност, смиреност, остроумност, харизматичност, емпатичност и секако нежност и убавина. Од името на сите вработени во ООУ„Владо Кантарџиев“-Гевгелија, ѝ посакуваме гордо и достоинствено да се претставува себеси и училиштето секаде каде што ќе се појави“ – објавија за својот Првенец од училиштето.
Во врска со своето основно образование и идни планови првенката Лилјана за GevgelijaNet изјави:
– „Имам учествувано на многу училишни, општински, регионални и државни натпревари на кои сум освоила многу I-ви, II-ри и III-ти места. Со најголем интерес учествував на натпреварите по физика и биологија, но не би ги занемарила и останатите предмети како хемија, англиски, географија и македонски“ – ги истакнува Лилјана своите наставни приоритети.
Меѓу сите училишни обврски таа наоѓа време да е активен член на Ансамблот „Бојмија“ од Гевгелија и учествува на бројните настапи кои ги има овој фолклорен репрезент од нашиот крај.
Лилјана планира своето средно образование да го продолжи во СОУ,,Јосиф Јосифовски” во природно математичка билингвална паралелка.
За професионалните афинитети во животот истакнува:
– Се’ уште е рано да размислувам за факултет, но многу ме привлекуваат информатичките науки како софтверски инженер, програмер и сл. Се надевам дека ќе ја одбранам титулата „Првенец на генерацијата“ и во понатамошното образование и гордо ќе го претставувам училиштето од каде што доаѓам“ – вели самоуверено првенката Лилјана знаејќи дека сето досега го постигнала со свој труд, учење, залагање, посветеност и љубопитност кон знаењето и науката.
Честитки од нас и СРЕЌНО во следните образовни предизвици!