Утрово во 08:00 часот во ТППЕ Гевгелија пристигна дојава од граѓанин кој пријави пожар во стан во зградата на улица „Железничка“.
Екипа на ТППЕ Гевгелија со 5 пожарникари и две противпожарни возила се упати на теренот и пожарот е целосно ликвидиран после два часа интервенција.
Во пожарот изгоре стан на приземје во зградата на поранешна „Царина“, но пламените јазици и чадот направиле штета и во станот на првиот спрат над него, и во соседните станови на приземје.
Во станот немало никој за време на опожарувањето и за среќа нема повредени. Ниту во станот на соседите во горниот спрат немало никој. Едниот член на семејството бил на нива, другиот на риболов. Кога се вратиле дома затекле разбиена врата од пожарникарите и интервенирано за да не се прошири пожарот овде и во соседните станови.
Во пожарот целосно изгоре покуќнината, дрвенаријата на станот во кој живеел Сашо Јованов, а саѓосани се просториите и оштетена столаријата на станот од горниот спрат на сопружниците Андонови, каде на плафонот се отворила и дупка од пламениот налет и високата температура.
Таткото на оштетениот Сашо исто така има штета во соседниот стан на приземје.
– Соседот отиде сабајле до Општината да праша за помош. Му рекле: „Што барате да живеете таму?“ Бидејќи ова е зграда оштетена од земјотресот во Гевгелија и отпишана е како да не постои. Значи и ние за нив не постоиме – констатира резигнирано Николчо Јованов, татко на оштетениот Сашо и самиот со штета во соседниот стан.
На увид на местото на опожарувањето денеска освен ТППЕ Гевгелија беше и екипа од ПС Гевгелија и екипа на Дирекцијата за заштита и спасување.
Причината за опожарувањето засега не е позната.
Соседите интензивно ги чистеа заедничките простории саѓосани од пожарот.