Денеска попладне во 15:30 часот изби пожар во близина на патот кој води до селото Ѓопчели, Дојранско. Граѓаните на Ѓопчели загрижени за своите имоти и заканата од опожарување известија за присуство на чад во околината на селото на социјалните мрежи.
На теренот веднаш се упати тим од Доброволното портивпожарно друштво од Дојран кој интервенираше во гаснењето со едно ПП возило и тројца пожарникари/доброволци. Сувата трева и присуството на ветер беа фактори за ширење на пожарот и потреба од итна сеопфатна интервенција, поради што во акцијата за гаснење учествуваше и тим од ТППЕ Гевгелија со три противпожарни возила и 8 пожарникари.
После трииполчасовна интервенција на локацијата во 19 часот пожарот е целосно изгаснат, а тимот на ДППД Дојран и ТППЕ Гевгелија се повлекоа. На локацијата останаа само вработени на ШС „Кожуф“ Гевгелија да дежураат во текот на ноќта да не се создадат услови за разгорување на изгаснатите згаришта.
Претседателот на ДППД Дојран, Стојан Шулев за причините на пожарот обвини дека се работи за човечки фактор.
- „ Веќе три дена извесни лица се обидуваат да предизвикат пожар на ова подрачје. Интервениравме синоќа во 23:30 и изгаснавме, интервениравме и завчера во попладневните часови. Еве денеска потпалувачите ја остварија намерата. Апелирам до граѓаните да бидат одговорни кон имотот на граѓаните и природниот имот кој припаѓа на сите нас“ – истакна за GevgelijaNet претседателот на ДППД Дојран, Стојан Шулев.
Во пожарот денеска изгоре нискостеблеста шума, прнар и сува трева. Ако не се интервенираше на време пожарот беше закана за имотите во с.Ѓопчели бидејќи беше само на 1 км од селото, а 5-6 км од туристичкото место Дојран.
Фото: Шенол Амедов – Ѓопчели во чад