Сара Југова, Виктор Нанчев, Даниел Марков од III одделение при ООУ „Ристо Шуклев“ од Негорци и Викторија Ташкова од IV-в одделение при ООУ „Крсте Мисирков“ од Гевгелија станаа финалисти на научната конференција „Наука за деца“ која се одржа вчера во Скопје во NOVA International Schools.
Од организаторот Фондација „Кантарот“ тие добија Сертификат како финалисти на ликовниот конкурс „Научна фантазија“. Во потписот на Сертификатот стои пораката „Остани дете со бурна научна фантазија“.
Заедно со Сертификатот тие добија и книга од организаторот „Наука за деца“, за мотивација и нови научни предизвици.
Наставници ментори на учениците финалисти се Елизабета Јанева на третоодделенците од „Р.Шуклев“ Негорци и наставничката Ленче Јанева на четвртоодделенката од „К.Мисирков“.
– „На ликовниот конкурс учествуваа 7 ученици, од нашето училиште, а во финале влегоа учениците Сара Југова, Виктор Нанчев и Даниел Марков, кои добија Сертификати на настанот. Учениците учествуваа и на две работилници, кои беа во врска со оптичка илузија и можностите што ги нуди дигиталното сликарство. Нашата соработка со ,,Наука за деца”, не е за прв пат, со нив нашето училиште има потпишано Меморандум за соработка. Мината година, платформата за наука ,,Наука за деца” одржаа работилница со експерименти во нашата училница. Соработката ќе продолжи и во иднина“ – изјави за GevgelijaNet.com наставничката Јанева.
И ученичката од Гевгелија се стекна со заслучен Сертификат за „научна фантазија“.
На конкурсот можеа да учествуваат сите ученици и ученички од 6 до 9 одделение во основните училишта низ државата, кои имаат научен потенцијал и се обидуваат да го зголемат.
Годинава за првпат е востановена и награда во износ од 30.000 денари за ученици талентирани за наука што ги доделува Платформата „Наука за деца“ во соработка со проф. д-р Венка Симовска.
Наградата е посветена на Иван Ќостаров, македонски научник кој долги години живееле во Данска. Наградата се доделува за љубов кон науката, оригиналност и свесност како науката може да придонесе за личен и општествен развој.
Честитки за нашите вредни финалисти!