Денот на ослободување на Скопје – 13ти Ноември 1944 година, денот на јасно исцртување на границите помеѓу доброто и лошото, прогресот и уназадувањето, фашизмот и слободата.
Битката за Скопје започнала на 11 ноември 1944 година, кога 42-та народноослободителна дивизија и Третата македонска бригада ги нападнале одбранбени позиции на германската армија во правец на Сопиште – Кисела Вода. Вечерта, по жестоките борби, македонските партизани успеале да ги поразат германските војници на линијата Лисиче – Сопиште и Кисела Вода – Бел Камен. Истовремено, 50-та народноослободителна дивизија ја разбила германската одбрана кај Катланово и се создале услови за напредување кон Петровец.
По овие успеси, следниот ден силите на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија предводени од генералот Михајло Апостолски ги продолжиле борбите. На 12 ноември, борбите започнале да се одвиваат на скопските улици, а 42-та народноослободителна дивизија се борела во јужните делови на Скопје. Третата македонска бригада успеала да се пробие од Кисела Вода кон центарот на градот, поточно кај денешното македонско собрание, а на 12 ноември се воделе борби и кај старата железничка станица, учителската школа и поштата. Паралелно се воделе борби и за мостовите каде што германските војници жестоко давале отпор и биле подготвени да ги уништат со експлозив.
За овие настани, Михајло Апостолски вели:
– „Во текот на ноќта помеѓу 12 и 13 ноември се развија жестоки борби; одделни згради како Народна банка, Поштата и други, по неколку пати преминуваа од раце во раце. Во тие борби голема улога изиграа ударните групи од градот… се појавија и со самопрегорен елан, нападнаа на Германците в грб, и в бокови, се поврзаа со нашите единици и вршеа улога на незаменливи водачи, оти точно го познаваа не само градот туку и организацијата на германската одбрана, та со тоа им укажуваа огромна услуга на нашите единици“– се сеќава на историските борби за ослободувањето на Скопје генерал Апостолски.
Борбата за Скопје продолжила и на 13 ноември 1944 година, меѓутоа германската команда ја согледала реалната состојба на теренот и одлучила да повлече еден дел од германската армија кон Качаник. При повлекувањето на германската војска од северниот, североисточниот и западниот дел од Скопје биле употребени и германски оклопни тенковски единици, меѓутоа тие не успеале да ги извлечат германските војници од центарот на Скопје. Оттука само еден дел од германската војска успеала да се повлече, а другите биле опколени од силите на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија што се бореле во Скопје.
Најсилен отпор дале германските војници што биле забарикадирани во учителската школа и поштата, тука борбите се одвивале до доцна во ноќта на 13 ноември, кога последните германски војници се предале. Воените операции во градот Скопје против непријателските вооружени сили се одвивале и на 14 ноември, односно македонските сили го проверувале теренот, барајќи остатоци од германската војска.
Борбите во околината на Скопје продолжиле бидејќи германската армија, со поддршка на голем број балистички воени групации, се обидела да ја уништи браната на Матка. Тука баталјонот од 12-та македонска бригада се судрила со околу 2.000 вооружени балисти. Битката се водела цел ден, сѐ додека не пристигнала помош од Скопје, а балистите имале значајни загуби. На 14 ноември, Скопје веќе било ослободено, меѓутоа борбите против соработниците на германската армија продолжиле кон Групчин и Тетово, а истовремено е спречен контранапад од западната и северозападната страна на Скопје.
Независно од овие настани, на 13 ноември во ослободено Скопје продефилирале дел од единиците на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија. Неколку дена подоцна во Скопје пристигнале претставниците на Президиумот на АСНОМ и на Главниот штаб на Народноослободителната војска, како и политичките раководители и истакнати македонски дејци. Во Скопје се одржува парада по повод ослободувањето на Скопје, а на неа меѓу другите биле присутни Методија Андонов-Ченто (претседателот на Президиумот на АСНОМ) и генералот Апостолски (командантот на НОВ и ПОМ), како и многу други истакнати дејци.
Извор: Нова Македонија