Со свечена литургија и свечен ручек денеска во црквата „Свети Архангел Михаил“ во гевгелиското село Моин беше одбележан празникот на заштитникот „Св.Архангел Михаил“ , Војводата на целата ангелска војска, архистратигот Михаил.
Свечената литургија и благословот над празничниот ручек и сите посетители на овој божји храм од името на Македонската православна црква и Гевгелиското Архиерејско намсништво ги испорача отец Влатко Бојков во присуство на бројни верници и граѓани од Моин.
Црква „Свети Архангел Михаил“ е главна селска црква во гевгелиското село Моин. Црквата се наоѓа во јужниот дел на селото. Датира од првата половина на минатиот век, изградена е по разурнувањето на трите постојни цркви во селото за време на ПСВ во 1917 година. Мештаните изградиле нова црква, која делумно била разурната во време на Втората светска војна, а била обновена и доградена во 1963 година.
Црквата претставува еднокорабна градба со рамен варосан таван, припрата, но без апсида. Во нејзината внатрешност, иконостасот е мал и бил изработен од гевгелискиот столар Ристо Попов, чие име се споменува на запис на самиот иконостас од 30 декември 1968 година.
Нека е за многу години денот на Архистратизите Божји, служители на божествената слава, на ангелите началници и на луѓето наставници, нека го исполнат животот на земјата со здравје и благодет и мир на небесните ангели!