Гевгелискиот атлетичар, спортист, некогашен фудбалер, велосипедист, маратонец Влатко Семенаков минатата недела докажа дека е најиздржливиот спортист од Гевгелија. Тој на ултра маратонската трка „PUNKS BACKYARD ULTRA “ истрча 107,2 километри и се пласираше во ТОП три во меѓународна атлетска конкуренција.
Трасата од 6,706 километри по терените на Негорските минерални бањи Влатко Семенаков ја истрча 16 пати за време од 16 часа и 28 минути и оствари резултат за трето место на првиот ултра маратон на издржливост одржан во Гевгелија, и воопшто во Македонија.
Гевгелија го нема искуството на вакви маратонски собири, но секогаш има прв пат, и секогаш има трофејни носители. Овојпат со радост го споделуваме трофејното искуство на Влатко Семенаков.
GevgelijaNet: Дали Ви беше тешко да трчате цел ден од утро до мрак?
В.Семенаков: Не ми беше тешко целодневното трчање од утро до мрак. Некаде на 14 круг осетив болка во коленото. Кога видов дека влегов во ТОП три натпреварувачи од 70-мина кои истрчаа на стартот, и тоа меѓународна конкуренција, истрчав уште два круга со болки. Вкупно 16 круга. Потоа се откажав за да не се здобијам со некои последици.
GevgelijaNet: Истрчавте 16 круга, вкупно 107,2 километри. Бидејќи километарските кругчиња за вас маратонците се загревање пред тренинг, можевте ли да го започнете и 17-от круг?
В.Семенаков: Имав доволно снага да го истрчам и 17-от круг, и секако ќе го започнев да не мислев на последиците по моето здравје. Коленото не ми дозволи да продолжам понатаму.
GevgelijaNet: Како ја оценувате трката, настапот на странските атлетичари, спремноста на тимот од Атлетскиот клуб „7-ми Ноември“ Гевгелија? Како се носевте со таа меѓународна конкуренција? Им парираме, или и ги победуваме?
В.Семенаков: Трката беше навистина интересна. За прв пат се одржуваше во Македонија и за мене беше еден голем предизвик, нешто необично за секој натпреварувач, сам да види до каде му е физичката способност. Но, оваа трка не е мерка само за физичката спремност на натпреварувачите, туку и самиот психолошки момент на меѓународниот натпреварувачки собир ти дава сила. На пример, кога видов дека има натпрварувачи од Словачка, Грција, Косово, Полска, Украина, Србија и Македонија добив посебна психолошка сила за да ја видам мојата издржливост. Поточно, на крајот кога достигнав до ТОП 10 натпреварувачи добив посебна мотивација, особено кога видов дека странските натпреварувачи се откажуваат од трката, а тие се подготвуваат преку цела година за овие настани. На следните истрчани кругови стигнав до ТОП 6 натпреварувачи.
Времето беше многу ладно, -2 степени. Веќе ништо не ме спречуваше за да се откажам. Но, ми рекоа дека ако истрчам уште еден круг ќе влезам во ТОП 3 натпреварувачи. Со тоа успеав да ги елиминирам странските натпреварувачи и останавме во првата тројка двајца македонци и едно девојка. После 16 круг јас се откажав и останаа тие двајцата. Девојчето истрча уште еден круг, а момчето уште два круга повеќе од мене.
Јас ја завршив мојата трка после 16 часа трчање и 28 минути. Во текот на целата траса психолошка поткрепа за мене беа неколкумината членови на АК „7 Ноември“ кои цели 16 часа ме стимулираа да трчам, да издржам и да не се откажувам, дека можам јас повеќе. И навистина резултатот е за мене нов, несекојдневен и задоволен сум од постигнатото.
GevgelijaNet: За вистински спортист треба здраво срце, кондициона спремност и потстрек и желба за победа. Тоа го покажавте со описот на Вашата Прва ултра трка на издржливост во Гевгелија. Овие поенти важат за сите спортови. Дали трчањето е ваша единствена спортска пасија, или се занимавате и со друг вид спорт ?
Влатко Семенаков: Првата награда во животот ми била на 9 годишна возраст кога освоив ТРЕТО место на крос трка како член на клубот „Динќут“, 1996 година. Патеката на трката беше на Динќут. Следните години трчав за празникот 7-ми Ноември преку училиштето. За време на моето образование за празникот на Општината се организираа училишни трки низ градот. Имам освоено едно Прво место и едно Трето место, како ученик на трки од 1 километар низ Гевгелија.
Подоцна, како средношколец редовно трчав за училиштето СОУ „Јосиф Јосифовски“ каде што се одржуваше државното првенство во атлетика. Воедно, станав и фудбалер на ФК „Кожув“ и овде бев активен 10 години. Долги години атлетиката не беше развиена во Гевгелија и немаше каде да се пријавуваме за атлетски настапи, па спортскиот предизвик го трошев и на велосипедски трки. Со атлетиката продолжив активно со основањето на АК „7ми Ноември“ и веќе четири години од формирањето до денес ги достигнувам успесите.
GevgelijaNet: Што е Влатко по професија? Како успева да го балансира професионалниот со спортскиот живот, е нашето следно прашање, зошто не интересира „Какво темпо на живот имаат рекордерите? Може ли и другите да го следт нивниот пример?“
Влатко Сменаков: По професија сум професор по физичко образование и спорт при СОУ „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија. Надвор од работното време сум лиценциран тренер по тенис и дипломиран тренер за фудбал. Активно сум посветен на спортот и професионално, и аматерски во подготовка на нови спортисти од Гевгелија.
Нашиот соговорник е татко на две деца и ги усмерува своите два сина уште на мали години да го прифатат спортот како стил на живот, здравје и работна дисциплина. Ако нешто се работи со желба се наоѓа време и баланс за работните обврски, спортските тренинзи и настапи и семејството кое е тука за поддршка, но и спортување рамо до рамо со нивниот татко – гевгелискиот шампион на ултра маратонска издржливост.
GevgelijaNet: Како изгледа еден Ваш тренинг ден? Трчате секој ден, или имате свој распоред и временски термин?
Влатко Сменаков: Преку ден трчам од 8 до 10 километри, некои денови возам велосипед во планина и речиси еднаш неделно настапувам на трки организирани низ државата, или во странство.
GevgelijaNet: Ја имаме сликата на Вашето спортско секојдневие со тренинзите, но како тоа изгледа на картата на вашето натпреварувачко учество и резултатите на кои понапред во интервјуто ни воочивте дека сте особено внимателно насочени и крајно мотивирани за успех.
В.Семенаков: Сум настапувал на многу разни натпревари во последните осум години, и на меѓународни, и републички: трчање, ултра маратон за Тоше Проески 420 км, Трка за издржливост 107,2 км, сум учествувал на полумаратони од 21 км, трки од 18, 14, 10, 5 и 3 километри, штафета 4х5км и трка спринт на 50 метри, трка со велосипеди „Велотлон“ на 14 км, „Off road “ трка на 4,7 км, потоа одбојка, пикадо.
Ова е скромниот одговор на Влатко, а ние прочепкавме малку повеќе во неговиот спортски историјат:
– „Пред да стане Last man standing од Гевгелија на ултра трката „PUNKS BACKYARD ULTRA “ одржана на 9 декември во Гевгелија, Влатко за свој најдобар успех го сметаше освоеното ПРВО место на меѓународната трка во Солун на траса од 9 километри. Потоа следуваше ВТОРО место на трката на 5 км во Гевгелија по повод Општинскиот празник 7-ми Ноември, освоено трето место на трка во Грција на делница од 18 км, ВТОРО место на трката од 10 км во Макрохори, Грција, освоено прво место на трка од 5.600 метри во Грција, Гуфалија-Гефира во категорија, спринт трка на 50 метри во Охрид освоено трето место, Второ место на трка организирана од општина Богданци на траса од 3 км, ВТОРО место на Новогодишната трка организирана од АК „7 Ноември“, ТРЕТО место на велосипедската трка во Гевгелија „Велотлон“ од 4.700 метри, освоено ТРЕТО место на трка со велосипеди во Крушево – Охиген „Офф роад“, освоено ПРВО место во Охрид на Меѓународен натпревар во пикадо, освоено трето место во одбојка на меѓународен натпревар во Охрид“.
GevgelijaNet: Кој резултат, победа Ви е најдрага како Ваш спортски успех?
В.Семенаков: Најдрага како спортист ми е оваа трка на издржливост – да бидеш во ТОП 3 од 70 професионални натпреварувачи на меѓународно ниво е невиден успех.
Влатко всушност ги претрка сите меѓународни атлетичари од шесте европски земји кои дојдоа да учествуваат на „PUNKS BACKYARD ULTRA “. Пред него беше победникот Жикица Ивановски (MKD) i Радмила Јовановска (MKD), и двајцата од Македонија.
После целата експликација на овој кален спортист и спортски работник од Гевгелија ќе речеме дека тој со гордост ја понесе титулата „Last man standing“, – ВЛАТКО СЕМЕНАКОВ е најиздржливиот спортист од Гевгелија.
Честитки и да се редат достигнувањата и медалите!