Претседателот Стево Пендаровски бара веднаш да се донесат измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и други норми
- „Неприфатливо е македонските граѓани кои се веќе изложени на сопствен трошок да менуваат документи, да бидат ставени во состојба на паника и страв, дали ќе бидат казнувани при нивното учество во сообраќајот“, реагираше на неговиот Фејсбук-профил претседателот на државата Стево Пендаровски, по вчерашното (11.01) известување од МВР дека „од 00 часот на 13-ти февруари 2024 година ќе важат возачките дозволи само со името Република Северна Македонија“.
Пендаровски вели дека ги следи реакциите на загрижени граѓани, кои синоќа и лично го контактирале, и дека ја разбира нивната вознемиреност и гнев.
- „Барам од парламентарните политички партии веднаш да донесат измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и соодветните норми во други закони што ја регулираат оваа област, за да им се овозможи на граѓаните да им важат возачките дозволи и возачките книшки на сите возачи кои што учествуваат во сообраќајот на територијата на државата, а чиј рок на важање не е истечен сметано од нивното издавање. Како што кажав и пред неколку седмици, доколку се има политичка волја, законските решенија може да се донесат во многу краток рок“, порача шефот на државата.
Тој ги повика надлежните институции „навремено и точно да ги информираат граѓаните за сите чекори кои се преземаат да се надмине оваа неприфитлива ситуација“.
- „Никој не смее да биде казнет поради непроменета возачка довола и возачка книшка без вина на граѓаните и кои не се истечени во поглед на нивниот рок на важност сметано од издавањето, особено не за учество во сообраќајот во рамките на територијата на нашата држава. Истовремено, како претседател на државата сакам да ја повторам нашата посветеност кон имплементација на сите меѓународно правни обврски што ги имаме преземено, а произлегуваат од т.н. Преспански договор“, напиша Пендаровски.