Актуелниот претседател Стево Пендаровски и пратеничката Гордана Силјановска-Давкова, според информации од партиите, е извесно дека ќе бидат претседателски кандидати на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на претстојните избори.
И шефот на дипломатијата Бујар Османи, според неофицијални информации што објавија дел од медиумите, влегува во претседателската трка како кандидат на ДУИ.
Кандидатура вечерва официјално, пак, објави актуелниот градоначалник на Карпош и претседател на партијата ГРОМ, Стевчо Јакимовски.
Поддршка за Пендаровски за втор мандат денеска (21 февруари) попладне на состанок дало раководството на СДСМ, информирале партиски извори за државната агенција МИА.
Оваа одлука деновиве ќе се најде пред членовите на Извршниот и Централниот одбор на партијата, а наредните денови се веќе планирани средби со коалициските партнери. На 3 март, пак, се очекува да се одржи и официјалната промотивна конвенција.
„Пендаровски е победнички кандидат, со најголем коалициски капацитет, кој заедно со СДСМ и со партиите од прогресивниот, демократски блок, силно ја споделува визија за европска иднина на државата. Тој во досегашниот мандат го врати интегритетот и кредибилитетот на институцијата Претседател и покажа што значи да се биде претседател за сите граѓани“, велат од СДСМ во изјавата што ја пренесува МИА.
Инаку, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова се соочија и на претседателските избори во 2019 година, а мандатото го доби Актуелниот претседате Пендаровски.
Покрај имињата кои излегоа вечерва, претходно кандидати објавија и од албанскиот опозициски блок Европски сојуз за промени, кој застана зад актуелниот градоначалник на Гостивар Арбен Таравари, како и партијата Левица која ќе ја кандидира професорката од Филозофскиот факултет во Скопје, Билјана Ванковска.
Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, додека вториот на 8 мај. Заедно со вториот круг, ќе се одржат и парламентарни избори.