Еден автомобил, трактор и гаража се изгорени во пожар што доцна синоќа настанал во Кавадарци.
Во гаснењето на пожарот, што бил во густо населена населба во Кавадарци, со три возила и шест пожарникари интервенирала Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) кои спречиле пожарот да се рашири на околните куќи.
За пожарот, на својот фејсбук-профил информираше и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.
„По добиена дојава за запалено возило и гаража, ТППЕ Кавадарци интервенираше со три возила и шест пожарникари. Пожарот за кратко време е локализиран. Оштетено е едно возило голф 4 (бензин/плин), трактор и дел од гаражата. Според очевидци пожарот настанал од тракторот, но причината засега е непозната“, – пишува Јанчев.
Тој додава дека поради брзата интервенција било спречено пожарот да се прошири и да се случи голема катастрофа.
Во текот на денешниот ден МВР излезе со извештај за настанот:
„Во 21:13 часот во ОВР-Кавадарци било пријавено дека во населбата Глишиќ во Кавадарци настанал пожар во гаража сопственост на М.М.(41) од Кавадарци. Во пожарот опожарени биле трактор, патничко возило „голф 4“ со кавадаречки регистарски ознаки, два велосипеди и други предмети. Од пожарот бил оштетен и дел од кровот на соседната куќа, сопственост на З.М. Пожарот бил изгаснат од Територијалната противпожарна единица Кавадарци. Повредени лица нема. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Кавадарци“ – стои евидентирано во полицискиот извештај на МВР.