После успешната ПРВА трансплантација на црн дроб од починат донор во Македонија, изведена на 25 ноември минатата година, денеска на Хирушката клиника во Скопје направена е ВТОРАТА трансплантација на црн дроб, што е показател за успешно продолжување на усвоените здравствени практики во државата.
Новата година македонското здравство ја започнува со уште една трансплантација на црн дроб, но и на бубрези и на коскени ткива, па хуманоста и подарениот живот продолжуваат и во 2023.
Рано утрово на Хируршките клиники започна експлантацијата на органите, откако вчера попладне семејството на пациентка во мозочна смрт даде согласнот за донирање.
- „Нивната желба да подарат некому живот и здравје, денес донесе трансплантација на црн дроб, два бубрега и на коскени ткива. Благодарност до семејството од мое име и од името на сите екипи кои во изминативе 24 часа работеа и продолжуваат да работат“, истакна министерот за здравство д-р Беким Сали.
Тој истовремено искажа благодарност до сите медицински екипи кои изминатите часови работеа на подготовка на донорот, на реципиентите и во операциските сали.
Не радува тоа што се повеќе семејства се одлучуваат да ги донираат органите и да спасат некому живот.
- „Новата година ја започнуваме со акт на хуманост и добрина. Со надеж и верба“, потенцира Сали.