Пратениците ги изгласаа законските измени за стопирање на растот на функционерските плати. Намалени се коефициентите за пресметка на плата во 6 закони. Откако вчера беше изгласана потребата од нивно донесување по скратена постапка, сите закони експресно брзо ги поминаа комисиските филтри, без дебата и амандмани, и по нецели 24 часа се најдоа на финално гласање. Ниту на денешната седница пратениците не беа расположени да дебатираат, па без многу врева ги пристиснаа зелените тастери за сите закони.
Предлозите влегоа во Собрание пред два дена од пратеничката група на СДСМ кои рекоа дека со намалување на коефициентите, над илјада функционери нема да добијат повисока плата со порастот на просечната. Сепак функционерите си го задржаа ланското покачување од 78% со одлука на Уставниот суд.
Со ограничувањето се опфатени претседателот, пратениците, министрите, судиите, јавните обвинители, членовите на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, вкупно илјада и 60 носители на функции. Законите предвидуваат намалување на коефициентот: кај првите три функции во државата: претседател, спикер и премиер од 4,50 на 3,91. Кај пратениците коефициентот ќе биде од 3,04 до 3,92 наместо од 3,5 до 4. Ова минимално намалување спречува покачување на платите за 15,3 одсто, или, од 300 до 500 евра.
Реакции пристигнаа уште пред гласањето. Први реагираа од здружението на судии кои се пожалија дека им било ветено зголемување, а не намалување на коефициентите и најавија дека ќе ги искористат сите можности за да ги сузбијат измените.
По нив, се огласи и здружението на јавни обвинители, а со законските измени не се согласува ниту судскиот совет. Незадоволна е и администрацијата низ судовите.
Барем за сега се стопира растот на функционерските плати на именуваниите лица во државата. Сега треба да се најде начин да се ограничат платите и на директорите што ги назначува Владата.