Фирмата „Микродониа“ од Холандија е децениски добротвор за Гевгелија. Последната спроведена акција оваа недела е донација во болничка опрема, опрема за физиотерапија, постелнини, работни маси и столици за потребите на трите јавни здравствени установи во Гевгелија
Фирмата „Микродониа“ од Холандија е децениски добротвор за Гевгелија со ориентација да им „понудиме на луѓето во Македонија подобра иднина. Покрај помошта за претприемачите, се обезбедува и хуманитарна помош за училиштата, болниците и другите здравствени установи.“
Вака тие се претставуваат на својата официјална ВЕБ страна, а пред јавноста во Гевгелија се претставуваат со конкретни акции.
Последната спроведена акција оваа недела е донација во болничка опрема, опрема за физиотерапија, постелнини, работни маси и столици за потребите на трите јавни здравствени установи во Гевгелија. Тоа се Општа болница Гевгелија, Физикалната терапија кај Негорските минерални бањи која функционира во состав на гевгелиската болница и Психијатриската болница во Негорци.
Сите три јавни здравствени установи добија хуманитарна донација без ниту денар надокнада од оваа донаторски ориентирана компанија од Холандија за нашата Гевгелија.
Сопственик и основач на компанијата е холандскиот државјанин Јан Звиерс кој ја посетил Гевгелија пред 20 години и посакал да донира за овој питом дел од Македонија. Во 2015 година ја формира „Микродониа“ и се поврзува со локални организации на кои основна цел им е да иницираат позитивни промени во општеството, а својата општествена одговорност за поддршка на Македонија да ја остварат преку „Микродонија“. Во Гевгелија тоа е НВО „Changemakers4all“.
И, така на 12 март по големото невреме во Гевгелија и гевгелиско, пристигна товарното возило кое донесе опрема за гевгелиските здравствени установи од далечната Холандија, пропатувајќи 2.500 километри низ Европа, за да стаса до нашата Гевгелија.
Донирани се електрични кревети за дигање/спуштање на пациентите кои имаат тешкотии со седнување, станување, други кревети за поединечни делови од телото, тегови, ленти за одење и многу други справи. Гевгелиската болница прими како донација метални и дрвени маси, бироа. Во Психијатриска болница е донирана опрема за забава и спорт за пациентите, како и облека, постелнина, пешкири, столови.
Донаторот „Микродонија“ кој уредно си го плати превозот за 2.500 километри транспортна дистанца, остана благодарен на гевгелиските шпедитери „ИнТреед“ и „МКД Гевгелија“ кои ги завршија шпедитерските процедури без надокнада.
„Микродониа“ изрази голема благодарност за соработката и помошта од страна на Психијатриска болница Негорци, Општа болница Гевгелија, кои заедно со партнерите од „Changemakers4all“ се вклучија во истоварот на опремата кој траеше со часови.
Со која добрина го привлековме овој добротвор?
Со сонцето, со питомиот југ, со добрите и гостопримливи домаќини гевгеличани?!!
Нека траат пријателствата од луѓето кои не’ сакаат и ни’ помагаат!