Станува збор за договор помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија.
Договорот го потпишаа министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон и амбасадорот на Чешката Република во земјава, Јарослав Лудва, во име на чешкото претседателство со Советот на ЕУ.
Оперативната гранична полиција на Европската Унија е веќе стационирана во Гевгелија и Дојран и веќе неколку години работи заедно со секторот за гранична полиција „Југ“ од Македонија. Договорот ја официјализира соработката со признаен македонски јазик и понатаму во користењето за заедничките европски полициски сили за спречување на нелегален влез на мигранти.
Денеска при посетата на претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен беше најавена и финансиска помош за Македонија од европските фондови во износ од 80 мииони евра.
Средствата ќе бидат на располагање од јануари идната година и се предвидени како поддршка од Европската Унија за Северна Македонија за справување со енергетската криза.
Ова нема да биде единствената помош, бидејќи како што соопшти и претседателката на ЕК, Фон дер Лајен на вечерашната прес конференција заедно со премиерот Ковачевски во Владата на РСМ, веќе се размислува и за нова помош, не само во грантови туку и во регионална помош за финансирање на капитални проекти за поврзување со гас и за обезбедување на нови извори на снабдување со електрична енергија.