Македонското здравство испишува нова историја – после изведените неколку трансплантации на срце на низата успеси се додава и успешната трансплантација на црн дроб изведена од македонски тим специјалисти.
На Клиниката за дигестивна хирурија, во Државна Болница Скопје вчера беше направена првата трансплантација на црн дроб од починат донор – прва во историјата на македонскотo здравство.
Шеесет годишен пациент со хронична болест на црниот дроб доби здрав орган од пациентка во мозочна смрт чие семејство завчера се согласи да ги донира органите.
Покрај црн дроб, од истиот донор се вршат и трансплантации на бубрези кај двајца пациенти со бубрежна болест.
Благодарност до целиот персонал вклучен во трансплантациите, до семејството на донорот и на нивната одлука да спасат не еден, туку три животи искажа вчера Министерот за здравство д-р Сали.
– „Ни покажаа уште еднаш дека живот може да се подари. Благодарност и до сите медицински тимови вклучени во трансплантацијата кои изминтите 24 часа работеа и продолжуваат да работат со пациентите.Особена благодарност до професор Зоран Караџов и неговиот тим, како и тимот на Клиниката за гастроентерохепатологија, кои денес испишаа нов лист не само во делот на дигестивната хирургија туку и во целокупното здравство“, истакна министерот за здравство, д-р Беким Сали.
По изведената трансплантација на црниот дроб во операционата сала се слушнаа аплаузи од членовите на медицинскиот тим кои беа задоволни од завршената работа.
А следуваа и прегратки од среќа.