Пред крајот на 2022 година во текот на декември месец од страна на повеќе организатори во Гевгелија се спроведоа хуманитарни донаторски акции. Такви беа Хуманитарните базари на жените од православието, Новогодишните базари на жените од партиите во Гевгелија, донациите на новогодишни пакетчиња од фирми и фондации.
За некои сме пишувале, а ќе ги споменеме дополнително и останатите:
Фондацијата на нашиот сограѓанин „Ице Бегов“ подели новогодишни пакетчиња за штитениците на Дневниот Центар при МТСП и Центарот за згрижување лица со посебни потреби „Мајка Тереза“ во Гевгелија. За децата донесоа предновогодишна радост, а преку донациите спомен за прерано починатиот носител на фондацијата, Ице Бегов.
Кралските извидници одржаа Божиќен Базар во Гевгелија на која учествуваа бројни граѓани, а во соработка Еразмус програмата имаше гости и помошници од Германија, Холандија и Белгија. Кралските извидници поделија новогодини паќетчиња за сите деца кои го посетија Базарот, а посебно подготвија пакети со донација на 12-те деца без родители од општина Гевгелија кои се наоѓаат во згрижувачки семејства во други градови од државата.
Хуманитарен спортски настан организираа и ветераните на КК „Кожуф“ од Гевгелија. Со симболична цена за влез на натпреварот, од само 50 денари собраа доволно средства да набават таблет-компјутери за децата во згрижувачки семејства од општина Гевгелија кои беа предадени на распределба преку Општинската организација на Црвен крст Гевгелија.
Донатоции пристигнаа и од Фондацијата на „Борјан Петковски“ од Гевгелија која се состоеше од 22 пакети со храна и прехранбени производи наменети за Божиќната хуманитарна акција на гевгелиските православни храмови.
Анонимен донор исто така во предворјето на црквата „Свети Кирил и Методиј“ од Гевгелија донираше прехранбени производи и хигиенски паќети за социјално загрозените семејства од Гевгелија кои ќе бидат опфатени преку Божиќниот базар организиран преку гевгелиските цркви.
Гевгеличани несебично се вклучија и со свои донаториски прилози во хуманитарниот апел за помош на 25-годишниот Марко кој боледува од канцер во 4-ти стадиум и бара надеж за живот преку специјалистички третман во Франција за кој му се неопходни 180.000 евра.
Гевгелија хумана во 2022, хуманоста си ја носи со себе и во 2023 година!
Донирајте и ВИЕ за хуманитарен старт на 2023 !