Најновиот болнички извештај од Општа Болница Гевгелија за изминатите три дена во кои се впишани податоци и за време на Новогодишната ноќ во Гевгелија укажува на мирна Новогодишна ноќ без труења од алкохол.
Во Итната медицинска помош нема регистрирано случаи на труења од алкохол, ниту пак повреди од бурната славеничка ноќ.
Ова е солиден пример на одмерено и одговорно однесување на жителите на Гевгелија во славеничката Новогодишна еуфорија.
– „Во првите денови од јануари 1 и 2.01. зголемен е бројот на пациенти со фебрилни состојби, како резултат на настинка, грип, вирусни инфекции кои се манифестираат со болки во градите, покачена температура, што е нејсвојствено за овој период од годината“ – изјави за GevgelijaNET директорот на Општа Болница Гевгелија, д-р Митко Крџев.
Дали пандемијата не’ научи на умереност, или гевгеличани станаа поодговорни во однесувањето?
Во секој случај ова е добар податок во однос на годините кога беа регистрирани по 20 до 30 млади лица, некогаш и малолетници кои на приватни забави претеруваа со алкохолот и завршуваа на интерното одделение во гевгелиската болница.
Мирниот болнички извештај го ремети податокот за тешко повредено лице, пешак во сообраќајна несреќа која се случи во 1:30 после полноќ на Новогодишната ноќ во Богданци. Повреденото лице било со набиен граден кош и повеќе скршеници на телото. Бил донесен на Хируршкото одделение каде е дадена неопходната медицинска помош и пациентот бил подготвен и упатен на Клиниката за трауматологија во Скопје.