„На овој ден 4 Јануари, Македонија треба да молчи, да жали и тажи, и никогаш да не ги заборави Мирче Ацев и Страшо Пинџур – македонските дејци и народни херои кои ѕверски беа мачени и убиени од бугарската фашистичка полиција и нивните верни соработници во 1943 година.
И мртви беа опасни за фашистичкиот окупатор…“ – напиша проф. д-р Ременски.
На 19 декември 1942 г., тие биле провалени во куќата на Јован Митрев и биле спроведени во Обласната полициска управа во Скопје. Потоа, двајцата биле подложени на невидени инквизициони мерки со цел да ги извлечат бараните информации од нив од страна на бугарскиот окупатор.
Мирче не проговорил ниту збор, а Страшо извикал: „Ѕверови!Јас сум Страшо Пинџу! Доста е тоа за вас!“.
На 4 јануари 1943 г., во просториите на Скопскиот областен затвор, како последица на силните измачувања, умрел Страшо Пинџур. Истата вечер, неговото тело било однесено во непознат правец и закопано на тајно место, така што до ден-денес не се знае неговиот гроб.
На тој начин се остварило претскажувањето од неговиот дневник, кој го водел во 1933 г., каде тој запишал: „Јас ќе умрам млад, а гробот нема да ми се знае❗“.
Сведоштвото на началникот на Обласната полиција во Скопје, Љубомир Јорданов, вака го опишува мачењето на Страшо:
“Пинџур, освен што го кажа своето име, не сакаше ништо друго да каже. Поради тоа го тепавме. Го тепавме јас, Тенјо Рајков, Илија Николов, Андон Донев, Тодор Маринов …
Го тепавме со гумена палка по табаните и по целото тело, кој каде можеше, удирајќи го со клоци по грбот и стомакот, а два-три пати сме му ги ставале нозете во вода и потоа продолжувавме со тепањето.
Два дена беше непрекинато тепан. Во мноrу тешка состојба беше вратен во ќелијата. Другиот ден попладне го испратив Тодор Маринов да го повика на сослушување.
Тие се вратија и рекоа дека Пинџур умрел во ќелијата. Штом го рекоа тоа, отидов во ќелијата да го видам. Го најдов како лежи во пена што му избиваше од устата” …
“На колку хиљади чесни Македонци им се дигна косата кога го видоа Мирчета во болничка мртвачница и во Прилеп кога го закопуваа со исечени прсти, со извадени нокти и искинато месо от коските❗
Македонските мајки, татковци и сестри виделе ногу свој синови и бракја мачени и утепани, но до ceгa вакви дзверски и нечовечно мачене немајат видено❗
Вака не мачеле ни турските јаничари, башибозлуци и крджалии како што мачат Хитлеровите и бугарски фашисти❗
Додека Пинджурот го скрија да не се гледаат неговите искршени коски, оти поучени от Мирчевиот случај, виде како за резилок стануват во очите на народот“! – се огласија со писмо партизаните-соборци на Мирче Ацев и Страшо Пинџур.
☆☆☆☆☆☆☆☆
Малку е напишаното за овие народни херои. Малку е да се напише и каже за нивниот слободарски и херојски порив кој го платиле со живот и смртен непокор во име на борбата за слобода.
Малку е да се сеќаваме само на овој ден …, недоволно е тоа за нивната жртва …
Денес, кога се подведува под знак прашалник улогата на бугарската власт во Македонија за време на НОБ, доволно е само заради овие два хероја, а ги има многу, да се каже дека, Македонија дала жртви кон кои има почит и вековен долг не само да не ги заборави, туку кон нив да гледа и зборува со стравопочит, зошто не смее никој да згазне на нивните ѕверски скршени коски и на нивниот никогаш непобеден херојски дух❗ – оценува проф. Ременски.
Нека им е вечна славата и незаборавот