Пченкарното брашно е хранливо и вкусно и било редовно на менито на постарите генерации познат како качамак кој се севрирал со домашна матеница, а врв на вкусот бил додатокот на пржено свинско месо.
Рецептот кој ви го презентираме е малку полесна закуска и лесно за приготвување за младите домаќинки.
Пројарата, како што е наречена во овој рецепт, е многу вкусна и мека како душа. Секој што ќе ја проба ќе ви побара рецепт поради феноменалниот вкус и нејзината мекост. Кога еднаш ќе ја пробате, постојано ќе ја правите.
Потребни состојки:
– 1 кисело млеко (200 г),
– 10 г квасец,
– ½ прашок за печиво,
– 200 г тврдо сирење,
– 2 јајца,
– 2 чаши (од 200 мл) пченкарно брашно,
– 1 чаша гриз,
– 50-100 мл масло,
– 1 лажичка сол или по вкус и
– малку газирана вода за да се замеси (околу 100 мл),
– семки за поросување (црн и бел сусам, сончогледови и семки од тиква), по желба.
Постапка: Во еден сад ставете две чаши пченкарно брашно и една чаша гриз, измешајте. Додајте две јајца и една чаша кисело млеко. Посолете по вкус, додајте половина прашок за печиво, квасец малку растворен во вода, половина чаша масло и иситнето сирење.
Сите состојки добро измешајте ги и додајте газирана вода за да добиете погуста смеса од онаа за палачинки. Сирењето не мора да биде целосно растопено, туку може да има поголеми парчиња кои ќе се чувствуваат после печењето.
Смесата излејте ја во помал плех, или калап за торти обложен со хартија за печење. Ставете ја во претходно загреана рерна на 200 степени и печете ја околу половина час, додека добие убава златна боја. Исечете на парчиња и пслужете.
Добар апетит!