Премиерот Ковачевски на свечен настан во Владата им додели благодарници на членовите на тимот што ја направи првата трансплантација на црн дроб во ноември 2022 година.
– „Изминативе три години како држава, како здравствен систем, покажавме дека може да се приближиме кон светските и европските трансплантациски системи. Во период од три години во земјава се донирани 61 орган, беа трансплантирани 8 срца, 32 бубрега, кај 19 пациенти беа трансплантирани коскени ткива, а двајца пациенти добија црн дроб“, истакна премиерот.
На членовите на тимот кои ја изведоа трансплантацијата на црн дроп Премиерот им изрази благдарност во името на граѓаните и на Владата на Република Северна Македонија.
– „Овој успех немаше да е возможен без вашето знаење, искуство и експертиза.
Уверен сум дека оваа победа на хуманоста ќе биде поттик за понатамошни професионални успеси на здравствените работници, но и поттик за нас, граѓаните, да го прифатиме органодарителството како благороден чин за спасување животи“ додаде премиерот Ковчевски.
Директорот на Клиниката за дигестивна хирургија и координатор за трансплантацијата на оваа Клиника, проф. д-р Зоран Караџов истакна дека со реализацијата на овој проект нашата држава стана дел од групата земји кај кои се изведува оваа процедура која претставува една од најсофистицираните во областа на трансплантологијата.
– Ние, овој проект го реализиравме сами, без помош од надвор. Покажавме дека можеме, знаеме и умееме. Со голем ентузијазам, голем труд и пожртвувваност на сите оние кои беа вклучени во овој процес. Резултатот е дека во еден кратко период на клиниката за дигестивна хирургија се изведени 2 успешни трансплантации на црн дроб кај возрасни лица – рече д-р Караџов.