По повод 78 годишнината од основањето на Црвен крст на Република Македонија и најхуманиот ден 17-ти Март – Ден на крводарителството во РСМ денешниот информативен простор го посветуваме на човекот од нашата Гевгелија кој својот работен век го посвети на хуманоста, Младен Бундов
Младен Бундов беше најдолго на функцијата Секретар на Општинската Организација на Црвен Крст -Гевгелија. Оваа благородна функција ја обавуваше цели 24 години од својот работен стаж, започнувајќи од 1992 – па се до пензионирањето во 2016 година. Пред функцијата Секретар, од 1977 до 1979 година, работел во Општина Гевгелија, во управен одбор.
Роден е на 11.06.1952 година во Гевгелија. Своето средно образование го завршува во Гевгелија.
Првите работни простории на Црвен Крст Гевгелија се во бараките зад општинската зграда, сега „Даночно одделение“ на општина Гевгелија. Овде ги планирале хуманите акции, овде собирале хуманитарни прилози, овде изведувале предавања за „Прва помош“, едукациј за основна прва помош за идните возачи, овде се делела хуманитарна помош за тие на кои им е потребна, а се планирале и изведувале крводарителски и други хуманитарни акции како во општината така и во поширокиот регион за кој надлежност имаше ЦК Гевгелија.
Во декември 2021 година за долгогодишната посветена работа на Младен Бундов му беше постхумно доделена Благодарница од ЦК Гевгелија, со напомена дека бил еден од највредните секретари на ОО на ЦК во државата.
На кој начин се истакнуваше овој често работно тивок човек, но отворен за секого и секаде каде е потребно. Бројките кажуваа дека неприкосновено со години ОО на ЦК Гевгелија важеше за прва во државата по бројот на спроведени доброволни крводарителски акции. Ако годишниот план им беше по 1.000 планирани крводарувања, Гевгелија исполнуваше 1.200 крводарувања. Републичкиот Црвен крст им го одобри планот на 1.200 крводарувања годишно, па ЦК Гевгелија повторно не застана со бројките туку го надминувашепланот со реализирани 1.400 до .1.700 крводарувања годишно. Ова сето се остваруваше преку доброволните акции организирани меѓу населението, но и во училишта, работни колективи каде Црвениот крст секаде бил примен со срдечност и ангажираност од средината, од учесниците. И сето ова создаде доброволна „армија“ од близу 500 редовни крводарители во Општината.
За време на неговото долгогодишно работно искуство како Секретар на ЦК, Бундов во соработка со Оделот за трансфузиологија при Државна Болница -Скопје, потоа Трансфузиологија при Општа Болница Гевгелија, спровел многу такви акции во Гевгелија. Миравци, Богданци и Дојран, исто така и хуманитарни акции за време на војната во бивша Југославија. Помагал на родителите да ги пронајдат своите синови кои беа на армиска должност, војска. Во тоа тешко време помагал и на бегалците, кои пристигнувале на безбедно во Гевгелија наоѓајки привремено сместување за нив, им делеше храна, облека и се друго што беше потребно на бегалците и социјалните семејства. Се залагаше за болниците во Гевгелија и Негорци да добиваат болнички кревети, нови постелнини, преку донации од Холандија и Германија.
Интересна, но исто така тажна и весела случка во текот на неговата работа е, едно од семејствата бегалци кои престојувало 4 години во Гевгелија, по војната во Бивша Југославија кои биле од Босна, им помогнал да успеат да стапат во контакт со нивната ќерка која била омажена во Тузла, а немале контакт со неа 4 години.
Во неговото време Црвен Крст Гевгелија секоја година го одбележуваа денот на карводарителството со голема заедничка средба на карводарителите, со ручек, музика цвет за жените и благодарници за повеќекратните карводарители. Честа беше голема за секој крводарител да биде дел од таа средба на најхуманите луѓе на едно место.
– „Несебичноста, човечноста и хуманоста му беа приоритети и вон работното време. Секој пат помагаше на сите кои имаа потреба од крвни единици во Гевгелија или Скопје. Несебично и доброволно, секогаш помагаше на луѓето во било кое време, без разлика на работното време. За него немаше од – до, негова водилка беше човештината пред се’. Кога замина во пензија исто така останаа пријателствата со карводарителите засекогаш со огромна почит.Од Црвен Крст Гевгелија му врачија постхумано Благодарница за неговата долгогодишна посветена работа, како највисок чин на почест за придонесот во развојот на организацијата како на локално, така и на државно ниво.. Им се заблагодаруваме за тој гест кој беше неочекувано, но заслужено како најдобар Секретар во цела Македонија, кој навремено и одговорно ја вршеше својата функција“ – вели неговата ќерка Марија Бундова Аврамова.
Благодарницата ја прими неговата сопруга Теодора Бундова.
.
Со ангажманот во своето поле на хуманоста, овој човек ги наполни витрините на ЦК Гевгелија со многу благодарници и признанија, меѓу нив во областа за прва помош на Европски натпревар, каде екипата на општина Гевгелија освојуваа прво место .
Младен Бундов почина на 19. 04. 2021 во Скопје. Ја сакаше музиката, пееше, твореше свои песни, и обожуваше да свири на гитара. Засекогаш остави песна за своите три внуци, Весна, Тамара и Христијан.
Неговата животна мисла беше дека „Сите несебично треба да си помагат еден со друг“, а негова порака беше “Почитувајте се еден со друг, помагајте во секој момент на секој на кој му е потребна помошта, без разлика на вера, нација и боја.”
Неговата хуманост и човештина ја пренесуваше во текот на целиот свој живот на сите и на своето семејство. Неговото семејство продолжува по неговите стапки.
Црвениот крст денеска гордо им се заблагодарува на сите луѓе втемелени во вредностите на оваа хуманитарна организација, посочувајќи со денешната порака: „Вие сте силата која го движи светот, вие сте столбот на армијата на хуманоста, вие сте зракот на сонцето онаму каде е најпотребно“.
Вечен спомен за Младен Бундов.
Честит Ден на крводарителството на сите сегашни и идни крводарители!.