На овој ден, на 23 Мај во 1905 година турскиот султан Абдул Хамид II преку империјален декрет (ираде/проглас) ги призна Власите како посебен етникум со право да избираат свои муктари/градоначалници, да организраат образование и да вршат богослужба во црквите на влашки јазик на целата територија на Отоманската империја. Власите во сите држави каде што живееле дале голем интелектуален и уметнички придонес.
Доказ за уметничкиот придонес е и изворната народна песна „Две лири, две франги“ која инструментално ја свири оркестарот на „Распеани Гевгеличани“,а потекнува од овој крај, од гевгелиско.
На последниот попис во рамките на општина Гевгелија, како припадници на влашката заедница се изјасниле 266 лица, од кои 156 мажи и 110 жени (или 1,23 % од вкупно попишаните 21.582 жители на општина Гевгелија). Во рамките на државата како власи се изјасниле 0,44% од попишаното население.
Влашкото население во Гевгелија доаѓа со преселбите од село Ума, на Кожуф планина каде при пописот во 1905 година имало 480 жители. После Првата светска војна започнуваат преселбите, а најблиско место за селидба е Гевгелија. До 1995 година селото било целосно раселено, а тамошните куќи денеска се адаптирани во викенд населби.