Фестивалскиот бисер кој го негуваат и одржуваат музичките традиционалисти на Валандово продолжува со својот сјај и оваа година.
Синоќа на градскиот плоштад во Валандово започна 36-то издание на манифестацијата Фолк фест Валандово 2023. На првата предфестивалска вечер покрај настапот на ,,Распеани валандовчани” и Јоце Панов, многубројната публика ја разигра и музичката ѕвезда Жељко Самарџиќ.
Жељко уживаше во гостувањето во Македонија и настапот пред валандовчани. За медиумите изјави:
– „Кога доаѓам во Македонија сум најсреќен човек на светот. Уживам во Валандово“!
Вечерва исто така се очекуваат голем број на посетители на плоштадот, а најавено е гостувањето на Ефто Пупиноски, Ана Бекута и ,,Куку леле”. Натпреварувачката вечер ќе се одржи во недела, во салата ,,Јанко Узунов”, а влезниците се продаваат по цена од 150 денари.
Ќе бидат изведени 20 новокомпонирани народни песни, а на сцената ќе се појават голем број на докажани музички имиња од земјава, како Нино Величковски, Душко Георгиевски, Ефто Пупиноски, Јасмина Гуњова, Адријана Ацевска, Мишко Крстевски, Перо Христов, Ибуш Ибраимовски…
Популарниот музички фестивал со децении наназад е еден вид на заштитен белег на Валандово. За време на одржувањето, градот пулсира во ритамот на фестивалот кој секоја година носи голем број на гости од земјава.
Со новиот концепт, кој започна да функционира од лани, со две ревијални вечери на отворено, фестивалот стана уште попривлечен настан кој привлекува многубројна публика.