На 36.издание на Фолк фест „Валандово“, кое се одржа синоќа во Фестивалската сала „Јанко Узунов“, победи пејачот Мишко Крстевски со песната „Ема убава“ по текст, музика и аранжман на Љупчо Трајковски-Фис.
Второпласиран е композицијата „Ни седум неба ни седум гори“ на Елена Андоновска по музика на Горан Стојановски, текст Борче Нечовски и аранжман на Дарко Илиевски.
Tретото место според гласовите на публиката во салата и стручното жири го освои песната „Букет од сомнежи“ на Анета и група „Молика“ по музика и аранжман на Миле Барбаровски, текст Ѓорѓи Барбаровски.
Награда за животно дело постхумно му беше доделена на Ѓоко Дончев за неговиот придонес на македонската музичка сцена и вредностите што ги оставил зад себе.
Ревијалниот дел на Фестивалот беше посветен на виртуозот на хармониката и композитор, Милан Завков, во чија чест изведувачи и негови пријатели изведоа музички омаж.
Покрај наградите за најдобрите песни, беа доделени и признанија за најдобар дебитант, текст, аранжман и интерпретација.
Наградите ги врачија уметничкиот директор Живоин Глишиќ и градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов.