Овој ден е посветен за сеќавање на упокоените, личностите од животот кои не сме ги заборавиле, роднини, пријатели, познаници.
На денот на Задушница, се оди во црква, каде се одржува света литургија и панихида, на која свештеникот го прелива житото со вино, а по завршувањето на службата, се оди на гробовите на починатиот. Се палат свеќи на гробовите, а свештеникот изведува краток ритуал .
Ваква слика на искажување почит и сеќавање на упокоените имаше попладнево и низ црковните храмови и на гробиштата во Гевгелија.
Се принесуваше варена пченица се носи на гробиштата и во црквата, што нè потсетува на Христовите зборови дека житото носи плод само кога ќе умре, и тоа не во темница, туку во светлината на сонцето. Црвеното вино, со кое свештеникот го полева житото, ја означува Божјата милост со која се лекуваат раните на гревот.
Оние кои не се во можност да одат на гробиштата поради оддалеченоста, треба да одат во најблискиот храм и да извршат помен за своите покојни.
Бидејќи ова е денот кога посебно внимание се посветува на распределбата на милостина, задолжително е да се дава милостина на секој просјак што ќе го сретнеме и да дадеме дел од храната што сме ја зеле со себе.
Парастаси по повод задушница ќе бидат отслужени утре во манастирот „Свети Спас“ Гевгелија во 8:30 часот, а во 09:00 ќе бидат посетени гробните почивалишта на упокоените.