Црвениот крст на Македонија ги додели наградите за најуспешните општински организации на Црвениот крст во спроведувањето на проектот „Црвен Крст во акција- Проект за хумани вредности“.
Меѓу добитниците на Дипломи за успешно спроведени проекти од областа на ЦКА-ПХВ е и Општинската организација на ЦК Гевгелија која од страна на ЦК Македонија доби највисока оценка „СОНЦЕ“ за два свои спроведени проекти.
Тоа се проектите: „Реновирање и преуредување на соба за 5-годишно девојче“ и „Изработка на инклузивна маса за пинг-понг за лица со оштетен вид“
Оценката „Сонце“ значи извонредно хуман проект кој со својата реализација ќе допринесе кон трајно решавање на проблем на некое лице, или група луѓе.
Реновираната соба на 5 годишно девојче од Мрзенци со биро, работен стол, полица за книги, работна ламба, килим, слика за декорација и уметнички прибор ќе придонесе новото прваче подготвено да стартува во светот на учењето и знаењето. Донатор на овој проект што го реализираа на терен подмладкарите од ЦК Гевгелија е нашиот репреентативец, фудбалерот од Миравци Тихомир Костадинов.
Вториот проект „Изработка на инклузивна маса за пинг-понг за лица со оштетен вид“ беше реализиран со средства од донациите кои ги собраа волонтерите на ЦК Гевгелија од своите активности. Инклузивната маса е изработена од локален мајстор, а минатата недела беше предадена на Здружението на слепи од Гевгелија, да им послужи за нивна рекреација.
Диплома за успешно спроведените проекти од ЦК Македонија е доделена на Памела Петровска, член на Клубот на млади при гевгелискиот Црвен Крст, инаку дисеминатор на проектите во изминатите 2 години. На чинот на доделувањето присуствуваа и волонтери од Клубот на млади од Гевгелија.
Дипломата и признанијата беа доделени на настан организиран во Скопје, минатата недела.
На национално ниво оваа година вкупно беа изработени 151 мал проект од кои 25 со највисока оценка – сонце и трајни промени во заедницата. Од тоа две се на ЦК Гевгелија.
Честитки за вредниот труд на хуманите млади гевгеличани, волонтери на Црвен Крст Гевгелија.