Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска денеска беше во посета на ЈУДГ „Детска радост“ Гевгелија каде предмет на интерес беше работата на установата и тековните градежни актицности за доградување на детската градинка „Сончогледи“ во Гевгелија.
Се работи за инвестиција на МТСП во вредност од 49.107.292 денари која значи изградба на вкупна корисна површина од 780 метри квадратни, а вкупна бруто површина од 1.100 м2 кои ќе бидат наменети за згрижување на нови 135 деца од општина Гевгелија.
Работите се во почетна фаза, а ќе траат во следните 14 месеци колку што трае договорот за изградба со ангажираниот изведувач. Вториот дел од заживувањето на овој простор наменет за деца го има општина Гевгелија со обврска да го опреми просторот. Истиот се состои од 2 простории за јасли, 6 занимални за деца од 2-6 години, 10 санитарии, тријажа, млечна кујна, чајна кујна, гардероба, мултифункционален простор, административна просторија.
– „Предучилишното воспитание и образование е клучно за правилниот раст и развој на децата. Затоа како Влада инвестираме во изградба на нови и реконструкција на постојните објекти. Во Општина Гевгелија градиме нова градинка за 135 деца, како доградба на постојниот објект „Сончогледи“. Инвестицијата е во вредност од околу 50 милиони денари од буџетот на Министерството за труд и социјална политика“ – истакна во оваа прилика министерката Тренчевска..
– „Со вклучувањето на што повеќе деца во предучилишниот процес, овозможуваме активирање на родителите на пазарот на труд и нивно еднакво учество и придонес во економската состојба на семејството. Затоа што секој член од семејството е еднакво важен, а градењето на капацитетите на децата е особено значајно кога тие се дел од згрижувачкиот процес на предучилишните установи“ – ја нагласи Тренчевска улогата на згрижувачките установи.
Пред посетата на градежниот објект Министерката Тренчевска ја посети централната детска градинка „Детска радост“ во Гевгелија и овде посебно внимание им посвети на децата и условите за изведување на нивните активности, секако и на вработените. Децата ја изненадија министерката со пригодна приредба.
Во разговор со вработените се искажаа задоволителни оценки за досегашното работење видливо од тоа што децата го покажаа со својата приредба како и од обиколката на просториите за работа, игра и занималните.
Се разбира, од гостопримлива Гевгелија никој не заминува без пријатни спомени, а децата од ДГ „Детска радост“ и’ подарија цветен аранжман на министерската направен од украсна хартија.
И за крај на посетата групна фотографија за спомен на малите посетители од ДГ „Детска радост“ со персоналот од градинката и министерката Тренчевска.