Познатиот македонски кардиолог Сашко Кедев повторно забележа голем алпинистички успех. Тој беше дел од експедиција од десетмина планинари кои утрово по локално време се искачија на врвот Нанга Парбат (8.125 м.) на планинскиот масив Каракорум во Пакистан.
Во 10:40 часот по локално време, тим од петмина алпинисти од повеќе земји, како и петмина непалски шерпаси, успешно се искачија на врвот, кој е деветтиот највисок во светот, објави „Nepal News“.
Врвот Нанга Парбат, кој лежи на границата меѓу Пакистан и Индија, е познат и како Кралот на планините. Нанга значи гол, а Парбат значи планина. Планината е локално позната по нејзиното тибетско име, Диамер или Део Мир, што значи „огромна планина“.
По Нанга Парбат, д-р Кедев со истиот тим ќе се искачи и на G-I и G-II (Гашербрум 1 и 2), два други врва во Пакистан повисоки од 8.000 метри. По ова, тимот ќе учествува и во експедицијата на К2 (8.611 м.) – вториот врв по височина во светот. Кедев овој врв К-2 веќе го има искачено во јули минатата година.
Кедев ги има освоено највисоките врвови на сите седум континенти, меѓу кои и „покривот на светот“ – Еверест, во 2009 година. Пред две години, кардиологот го искачи и врвот Манаслу, (8.156) метри е осмиот највисок планински врв на планетата.