Јавната општинска установа Библиотека “Гоце Делчев”-Гевгелија неделава организира одбележување на 80 годишнината од раѓањето на Илија Карајанов, професор по македонски јазик и литература, поет и роднокраен автор на стихозбирки.
Настанот се организира во рамките на културната манифестација „Гевгелиско културно лето 2023“ и ќе се одржи во пресрет на неговиот роденден, на 7 јули во 18:00 часот во х.„Аполонија“ во Гевгелија
Илија Карајанов е роден во Гевгелија, (08.07.1943 – 2016), тој e македонски поет, есеист и критичар.
Завршил Филолошки факултет во Скопје. Бил професор во гимназијата „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија.
Член на Друштвото на писателите на Македонија од 1987 година.
Автор е на стихозбирките: Сончогледово око (1978), Цветови на слободата (1979), Полноќен сонопис (1987), Сономорје (1991), Слики од југот (1995), Зорници во сонот (1997), Сонети без почеток и крај 1999), Свилени звуци (хаику поезија, 2000).
За животописот на Илија Карајанов ќе зборуваат македонските писатели, есеисти и книжевни критичари Васил Тоциновски и Ефтим Клетников.
Модератор: Емилија Старделова
Ќе нагласиме дека освен поетската вечер посветена за Илија Карајанов, Градската библиотека во Гевгелија годинава организираше награден конкурс за книжевни творби инспирирани од неговите стихови. Истиот траеше до 30 јуни, па се очекуваат одлуките на жирито за најдобрите творби инспирирани од нашиот гевгелиски поет.