Заштитата на шумите од пожари и од бесправна сеча во фокусот пред жителите на Гевгелија и гевгелиско
Полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Гевгелија во соработка со Јавно претпријатие „Национални шуми“ завчера (24.07.2023) на повеќе локации кои водат кон шумските предели, односно излетничко рекреативни места на подрачје на Гевгелија, поточно кај Динќут, кај месноста викана „Моински пат“ и во селата Негорци, Миравци и Петрово спроведоа превентивните активност во рамките на проектот „Безбедно лето“, а посветено на темите за заштита од шумски пожари и заштита од бесправна сеча на шуми.
Преку делење на летоци со едукативна содржина, како и во непосредна комуникација со граѓаните полициските службеници укажуваа за законските санкции за бесправно сечење на шумите, како и за потенцијалните штети кои тоа може да предизвика за животната средина и шумскиот фонд.
Исто така, на граѓаните им беа поделени и летоци изготвени од Општинскиот противпожарен сојуз Гевгелија со укажување за потребата од внимателност и начините за заштита на шумите и зелените површини од пожари.
Превентивните активности и внимателноста на граѓаните е од важност за елиминирање на опасноста од пожари на отворено, особено големите жумски појаси кои ги уништуваат „фабриките“ за кислород потребен за живот, а емисиите на согорувањето ја оштетуваат озонската заштитна обвивка на планетата.
Од ТППЕ Гевгелија посочуваат дека во периодот јуни-јули годинава имало 20 интервенции од опожарувања и технички интервенции од екипите на ТППЕ, а минатата 2022 година тие биле 29 вкупно на број во истиот периот. Значи, превентивноста, одговорноста, свесниот однос кон природата од страна на човекот се пресудни во заштита на природата од опожарувања. За таа цел од ТППЕ Гевгелија упатуваат АПЕЛ да не се пали оган на отворен простор, да не се палат стрништа, бидејќи во овој летен период вегетацијата е бујна, тревата сува и пожарот брзо се проширува во размери да не можете сами да го контролирате.
Безбедно лето, значи и наша заедничка грижа.