По завршените изведбени работи за изградба на атмосферска канализација на улица „Железниќка“ во Гевгелија поставена е нова асфалтна постилка. Асфалт е поставен по целата должина на улицата која изнесува 430 метри.
– „Со тоа, всушност, се завршени сите градежни активности на оваа улица за покривање со патна и комунална инфраструктура, а изведувачот продолжува со работа на останатите улици во јужниот дел на градот.“ – известуваат општинските служби кои се нарачатели на проектот.
Со ова влезот на Гевгелија до Железничката и Автобуската станица и околните деловни објекти конечно има нов асфалтен пристап и нова проширена атмосферска канализација која треба да одговори на зголемените приливи од атмосферските води после растежот на градот и зголемените цементни, бетонски области наспроти земјените кои се во можност да ја впијат дождовицата.
После овој зафат градежната машинерија ќе биде упатена на улицата „Илија Мијов“ каде ќе се изведува асфалтирање.
Едноиполгодишниот рок за овој проект, проширување на атмосферската канализација во Гевгелија во јужниот дел се до ул.„Маршал Тито“ привршува. На ред се завршните работи и конечно асфалтирањето со што ќе се добие и нова слика – подобрена улична мрежа низ Гевгелија.
Целиот проект се спроведува со средства од KFW Банката каде имплементатор е Општина Гевгелија, а корисник на мрежата ЈПКД „Комуналец“ Гевгелија.