Техничките проблеми се надминати, па пациентите со покачен крвен притисок, дијабет, проблеми со тироидната жлезда, бронхитис и астма од денеска можат да добијат рецепт од матичниот лекар без да мора да одат кај специјалист на Клиника по извештај. Системот е надограден и функционира, сега може да издаваме пет лекови за пет различни состојби, потврдува Д-р Марта Тунџева.
Ова е една од реформските мерки кои ги најави Министерството за здравство, а денеска министерот Фатмир Меџити беше во посета на матичен лекар за да провери како оди новиот начин на работа и како се задоволни пациентите.
Според Меџити анализите кои ги имаат направено им покажале дека околу 30 отсто од пациентите кои дневно доаѓаат во Клинички центар се за посета на специјалисти за продолжување на терапијата или за услуги кои со оваа реформа ќе може да ја добијат кај матичниот лекар.
„Реформата оди во повеќе етапи. Во првата етапа, откако се објавени протоколите во Службен весник, матичните лакри веќе може да препишуваат терапија. Следно што ќе биде е матичните лакри да може да направат упат за лабораториски анализи, а потоа ќе има и други мерки за чија имплементација е потребно повеќе време“, додаде Меџити.
Разговорите за процес на реформи и враќање на ингеренциите на матичните лекари започна во 2019 година пред пандемијата, но ова беше ставено на пауза поради ковидот. Реформите се прават со поддршка на СЗО и Светска банка.