Претпладне во 11:25 часот во ТППЕ Гевгелија е пријавен пожар кој започнал во атарот на село Селемли, општина Богданци, а се шири долж македонско-грчката граница и се’ уште е активен.
Тим за гаснење составен од пожарникари и противпожарни возила веднаш се упати на терен и веќе пет часови се во костец со пожарот. Моментално гори во месноста Карабали, каде се наоѓаат и интервентните единици за гаснење на ТППЕ Гевгелија
– „На терен се екипите на ТППЕ Гевгелија, на Доброволното ПП друштво од Дојран, вработени од Шумско стопанство „Кожув“ Гевгелија, вработени од ДЗС. Веќе пет часови се гасне пожарот. Зафатен е шумски појас. Моментално гори во месноста Карабали. Присутен е ветер кој ја отежнува нашата цел пожарот да биде наскоро ликвидиран“ – изјави за GevgelijaNet командирот на ТППЕ Гевгелија Игор Ризов.
Заедно со македонските екипи се и пожарникари од Грција зошто пожарот не ја следи граничната линија, туку гори таму каде што ќе го упати ветрот.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, кој се упати на местото на пожарот, извести дека огнот кој се раширил во атарот на селото Селемли, преминал преку фронтот на Првата светска војна – линија на која има заостанато многу мински неексплодирани средства.
– „Во текот на овие два часа слупшнати се четири силни екслпозии. Не е безбедно пожарникарите да се доближат до него. Пожарот е изгаснат само на еден крак, каде што беше безбедно пожарникарите да пријдат. Остатокот се гаси со „ер-трактори“, кои ќе продолжат да дејствуваат“, рече Ангелов.
Пожарот се движи и кон грчка територија, а на едно место е префрлен во оваа држава. За случајот е известен грчкиот 112 за да бидат подготвени за гаснење од нивна страна.
Насловно Фото: Пожар кај месноста Карабали -денеска