Селото Смоквица, оддалечено само 15 километри од центарот на Општината, Гевгелија има тренд на иселување, но жителите кои се овде имаат право на достоен живот и урбанистички уредено населено место кое ќе им ги укаже погодностите на нивното село.
Сместено е на надморска височина од 90 метри, во подножјето на Кожуф, во областа Бојмија. Заради својата распосланост на ридски терен сокаците се тесни и нема погодност за градежна механизација. Така овде деновиве направени се зафати за урбано уредување со бетонирање на малите улици и уличните краци.
Инвеститор на овој градежен зафат е Општина Гевгелија преку програмата за „Изградба и рехабилитација на улиците во општината“ која во локалниот Буџет за 2023 година има планирани средства од 21.450.000 денари.
До сега се направени такви градежни зафати во уличната инфраструктура во населените места Миравци, Петрово, Ново Конско, Мрзенци и Негорци, како и излетничките места Смрдлива Вода и Старо Конско.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, изврши увид на изградените улици и оствари средба со месното население во Смоквица истакнувајќи дека
– „Во наредниот период локалната самоуправа ќе продолжи со инфраструктурни зафати за изградба и на преостанатите улици во Смоквица, со цел, создавање подобри услови за граѓаните“.