Минатата недела МВР објави дека е уапсен повеќекратен крадец од општина Дојран кој „оперирал“ во подрачјето на Нов и Стар Дојран.
Станува збор за 27 годишниот Р.Б. од село Николиќ, за кого МВР поднесе Кривична пријава до надлежното Јавно обвинителство во Гевгелија.
Обвинителството, врз основа на поднесените докази одлучи да поведе истражна постапка против Р.Б. од Николиќ, кој е осомничено за продолжено кривично дело – „Тешка кражба“ од член 236 став 1 точка 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Во својот поднесок до Судот, со барање за определување притвор за осомничениот, ОЈО Гевгелија има наведено дека:
– „Во периодот од мај 2021 до 19 септември 2023 година, искористувајќи исти прилики кога оштетените не престојувале во нивните викендици на различни локации во Стар и Нов Дојран, осомничениот со умисла извршил повеќе тешки кражби во кои одземал вредни предмети, мебел и апарати. Меѓу ограбените се и објекти на две правни лица, од каде биле одземени целосно системите за видео надзор – камери и ресивери, телевизори, клима уреди и друга опрема.
Осомничениот влегувал во објектите со провалување или кршење со намера да одземе туѓи подвижни предмети од поголема вредност и противправно да ги присвои, и на тој начин прибавил за себе противправна имотна корист во вкупна вредност од 2.254.350 денари“ – се вели во предметот кој го отвори ОЈО против осомничениот крадец од општина Дојран.
Младиот 27 годишник од Николиќ, во моментот е на издржување 30 дневен притвор, определен од Судија на претходна постапка од Основен суд Гевгелија.