Некои маркети и локални продавници уште утринава, некои во текот на денот, а некои попладнево ги истакнаа новите пониски цени на пијалоците опфатени со мерката на Владата за поефтинување на соковите, водата, пивото. Оваа мерка доаѓа по мерката за намалување на цените на основните прехрамбени продукти, која започна да се применува од минатата недела.
Безалкохолните пијалаци, негазираните и газираните, минералната вода и пивото од денеска се продаваат по нови цени, поевтини за 10 отсто.
Владата го прифати и одговори позитивно на ваквиот предлог на економија. Се намалуваат и маржите кај овошјето и зелнечукот, со што нивните цени дополнително ќе паднат за 30 отсто. Одлуката стапува на сила веднаш и ќе важи до 30-ти ноември. Од владата апелираат бизнисот да направи навремена корекција, за да нема казни.
Низ трговската мрежа веќе се намалени цените на стотици основни прехранбени производи и тоа за 30 до 40% отсто од цената по која се продавале на 1 август годинава.
Граѓаните по пониски цени во маркетите купуваат леб, млеко, млечни производи, месо, брашно, јајца, ориз и многу други прехранбени артикли, што поволно влијае врз семејните буџети.
Анализата на Министерството за економија за реализацијата на мерките за намалување и замрзнување на цените на прехранбените производи и нивното влијание, како што соопшти, покажала дека заштедата на домаќинствата без мерките за пијалаците изнесува 2.070 денари.