Огнот се јавува секаде каде има услови, или каде ќе му бидат создадени услови за да настане и пламне.
Така денеска во Гевгелија попладнево избија два пожари, едниот во атарот на село Ново Конско, гевгелиско, другиот речиси на влезот во Гевгелија во подрачјето на некогашна „Пиперна“.
Поголем зафат имаше пожарот на отворен простор кој изби попладнево на атарот на с.Ново Конско, на излезот кон Смрдлива вода. Овде беше опожарена мешана шума и сува трева која го помагаше горењето, така што изгоре простор од 3 (три) хектари природен шумски појас.
Пожарот во Ново Конско беше пријавен во 13:12 часот, Екипа на ТППЕ Гевгелија веднаш излезе на терен да интервенира со 5 пожарникари и две ПП возила и камион, а на помош беа и тројца вработени од Шумско стопанство „Кожуф“ од Гевгелија.
Пожарот беше за 2 часа локализиран, а до истекот од третиот час истиот беше целосно ликвидиран. До 16 часот екипите на ТППЕ Гевгелија се повлекоа, а до доцна во ноќта останаа да надгледуваат и дежураат вработени од ШС „Кожуф“ да не се создадат услови за разгорување на згариштата и итно посипување со земја за да се уништи огнениот налет.
Вториот пожар е пријавен на дежурниот број на гевгелиската Пожарна во 13:24 часот,, со 12 минути разлика од веќе пријавениот пожар кај Ново Конско.
Пожарот бил во индустриската зона во Гевгелија, лоциран на просторот меѓу некогашната Пиперна и фабриката за конзервирање, во меѓупросторот обраснат со трева која во моментот била сосема сува. На просторот имало и отпадна пластика со чие опожарување настанал црн чад, па жителите кои го пријавиле пожарот до дежурниот број во „Пожарната“ во Гевгелија биле видно вознемирени од глетката и можното проширување на огнот.
На терен се интервенирало со едно Противпожарно возило и тројца пожарникари кои со брза интервенција го изгаснале огнот и спречиле негово проширување кон околните објекти, што би било потешко за интервенција и поопасно, со оглед на инсталациите, електричните напојувања и сл.
Екипите на ТППЕ се повлекле попладнето по успешно спроведената интервенција и двата целосно ликвидирани пожари.