Топлиот септември не попушта па можностите за престој во природа се избор за оние кои бараат викенд одмор во природен амбиент, со зеленило, чист воздух, поглед на зелените падини на Кожуф.
Таков избор може да биде и посетата на Серменин, а ако не сте опремени за планинарење ќе се скрасите во гостопримството што го нудат вредните домаќини на „Серменински чардак“.
Ова е етно куќа на домаќини од Гевгелија кои имале свој имот во с.Серменин на 500 метри надморска височина на Кожуф планина, оддалечено 17 километри од Гевгелија. Од виќенд куќа, ја претвориле во свој дом. а вкусното кулинарство го предвориле во угостителски бизнис.
Се прочу низ Гевгелија за вкусното печено во фурма, за подлучените пиперки, за баниците и зелниците печени во фурна, за вкусното кафе испиено на терасата од Серменинскиот чардак и нагрнаа гости, некои од љубопитство, некои од желба за нова дестинација за викенд прошетка, а некои се враќаат повторно да го вкусат чистиот планиснки воздух и кулинарските специјалитети во „Серменински чардак“.
Глава домаќинка и мајсторица на вкусот е Васка. За есперо таа вели:
– „Љубовта и домаќинлакот во готвењето го наследив од мојата баба и од мајка ми. Тие уште од мали нозе ме научија како се прават домашни сокови, слатко, ајвар, лутеница, баници, пити, баклава. Бидејќи моите родители беа земјоделци и сточари, кај нас секојдневно се готвеше свинско, јагнешко, јарешко, телешко, правевме сирење и урда, а јас уживав во готвењето. Сега имам шанса сето тоа знаење да го пренесам во мојот ресторан“ – вели Васка.
Прекрасната природа и изобилието со планински извори и реката Белица во атарот на с.Серменин ги мамат и ги крадат воздишките на посетителите. Во селото се наоѓа црквата „Св. Ѓорѓе“, изградена во средината на 19 век, легендата вели дека е изградена за четириесет и пет дена со божја помош од бигорот на реката Белица. Над селото се наоѓа манастирот „Св. Илија“, кој потекнува уште од 10 век и на чии темели е изграден нов манастир. Над селото се наоѓа парагладјерската патека „Стајка“, а за сите љубители на планинарење обележани се планинарски патеки до Волчја Чешма, Висока Чешма, Штеји и Двете Уши.
Во етно куќата има голем двор каде што децата можат безгрижно да си играат и верувајте, вели домаќинката Васка, овде , многу ,,нејадачи“ првпат почнале да јадат. Имаат бавча, сами одгледуваат чиста природна храна, одгледуваат кокошки и изработуваат природен планински мед од сопствените пчели кои ги одгледуваат.
Откако го отворивме чардакот вели Васка заживеа селото, се изградија повеќе од 100 нови викендички, има и неколку постојани жители. Доаѓаат многу странски гости – Срби, Грци, Турци, Руси, Романци, Холанѓани, кои преноќуваат кај нас.
Па ако е убаво за домашните мераклии, па и за странските посетители, зошто да не биде Ваш/наш следен избор за викенд одмор со прошетка на планина и посета на серменинското етно село, па да се одморите/ме со гурманските вкусови на „Серменински чардак“.
Само предлагаме, уживањето ќе биде Ваше!