“Цртаме и го боиме светот во боите на природата- сино како небото, зелено како дрвјата, жолто како сонцето, црвено, розево, лила како расцветаните цвеќиња”
Шарениот детски свет виден со очите на најмалите отсликан во школскиот двор на ООУ “Крсте Мисирков” Гевгелија, од првачињата, по повод Детската недела.
Да Ви биде весело и шарено дечиња, Вам и на сите деца кои растат под заедничкото Сонце на среќата!
Ведри лица, детски џагор и смеа, дружење и творење… имаше и во дворот на ООУ „Владо Кантарџиев“ во Гевгелија каде со цртање, боење, детски игри, се одбележа почетокот на Детската недела, во Октомври 2023.
Со разни активности Детската недела се одбележува во сите држави членки на ООН во првата полна недела од месецот октомври.
Организаторите порачуваат дека децата се нашето најголемо богатство, нашата гордост, нашата радост, и нашата иднина. Сите деца имаат еднакви права и на сите треба да им се даде неопходната поддршка и овозможат еднакви можности. Одговорноста за децата е на целата заедница, на сите нас. Светот останува на децата и претставува предизвик да ги научиме да ги спознаат вистинските вредности во животот и да им дадеме сила да истраат и да успеат во овој свет, посочуваат организаторите.
Владата, на предлог на Министерството за труд и социјална политика, донесе одлука за издвојување средства за законски востановената „Детска недела”, којашто се реализира со цел развивање на општествената активност за афирмација на заштитата на децата, соопшти владината прес-служба.
„За време на траењето на „Детска недела”, од 2 до 9 октомври 2023 година, предвидено е да се издвојуваат: од секој продаден влезен билет за театар, кино, уметничка изложба и други културни манифестации 5,00 денари; од секоја поштенска пратка во внатрешниот сообраќај, освен на печатени работи 2,00 денара; од секој влезен билет на спортски натпревари и други спортски приредби 5,00 денари, од секој продаден возен билет во железничкиот и автомобилскиот, меѓународниот, меѓуградскиот сообраќај 5,00 денари, од секој продаден возен билет во авионскиот сообраќај 50,00 денари, од секој продаден облик на електронски музички и видеозапис, видео касета и друго 5,00 денари. Од плаќањето се исклучени изложбите, приредбите и другите културни манифестации организирани од страна на ученици и студенти во јавни установи.
Во време на траењето на манифестациите посветени на децата се организираат културни, забавни, образовни, спортско-рекреативни, активности од областа на екологијата и други активности посветени на децата“, наведуваат од Владата.